Во неделата, 21.9.2025 година во 14 часот е одржана рекордна радиоврска помеѓу нашите радиостаници Z31RQ/P (Дејан) и Z32TW/P (Николче) на растојание од 118,1 km на фреквенција од 10,386 GHz (на X-band, односно 3 cm радио бранови).
Се работеше од портабл локации кај напуштената метеоролошка станица на Попова Шапка (локатор: KN02ka44oj, 1945 m н.в.) и Ѓупски Рид, штипско (локатор: KN11cq78UE, 670 m н.в.). Модулација и начин на работа: немодулирана телеграфија (А1А). Со тоа е поправен досегашниот наш и македонски рекорд со врска на растојание од 77 km (Стровија – Драгош, македонско-грчка граница), како и некомплетната врска од 94 km (Битово – караула Живојно, македонско-грчка граница).
Z31RQ/P на работната позиција кај напуштената метеоролошка станица на Попова Шапка. Лево се гледа самиот врв Попова Шапка и викенд-населбата. На преносливиот троножец е поставена мала параболична антена со дијаметар од само 38 cm, што сепак беше доволна за успешна врска благодарение на теснопојасниот начин на работа (немодулирана телеграфија). На земја се гледа лаптоп компјутерот со штитник за сонце, бидејќи без него не би се гледало ништо од силното светло. Мора да се мисли и на такви детали. Во рацете држам минијатурни рачки од електронски тастер. Тука мора сé да биде минијатурно, за да може да се пренесе во еден ранец!
Станува сé потешко да се пронајдат две локации со квази-оптичка видливост, бидејќи на толкави растојанија препреките предизвикуваат огромни, непремостливи слабеења на трасата. Македонија нема море (каде што се поставени европските и светските рекорди), но планините нѝ нудат можности што не постојат во рамниците. Качувајќи се на Попова Шапка го надминавме не само „мевот“ поради закривеноста на Земјината топка од 273 m, туку и три реда пониски планини помеѓу нас.
Трасата на рекордната радио врска од 118,1 km на топографската карта на Македонија.
Вертикалниот профил на трасата на рекордната радио врска.
Имено, заради закривеноста на Земјината топка, „мевот“ од околу 273 m е на половина пат меѓу двете станици. Само за да се надмине тој мев, ако десната станица не е поткачена на висина, левата би требало да биде качена најмалку 546 m. Но, тука има и многу планини и ридови, од кои највисок (1280 m) беше висот кај Матка, поради што јас морав да се искачам на Попова Шапка на дури 1945 m за да ја надвишам и таа препрека.
Заради закривеноста на Земјата и големата висина, елевацијата на антената на Попова Шапка беше негативна, -1,15 степени, додека на Ѓупски Рид беше практично на хоризонтот (0 степени). Со инклинометри ги измеривме овие агли, што претставува уште еден доказ за закривеноста на Земјината топка
Поглед преку нишанот на антената од Попова Шапка во насока кон штипско. Последните видливи планини во таа насока се наоѓаат на 30-ина километри, но благодарение на добро испланираната траса сигналите успеваат да ја пронајдат целта на 118,1 km, далеку во измаглицата.
Поглед преку нишанот на антената на Николче, Z32TW/P кон Попова Шапка. На само 2 километри има рид што е само десетина метри понизок од Ѓупски Рид, така што сигналите се пробиле практично низ самите крошни од дрвјата. На сликата не се гледа ридот Богословец, но неговата лева падина претставуваше визуелен ориентир за нишанење според софтверот за планирање на трасата, независно од нишанењето според компас.
Видливоста од Попова Шапка беше околу триесетина километри, одвај до клисурата на Матка кај Скопје. Оттаму до штипско има уште речиси 90 километри, но благодарение на специјалнниот софтвер за планирање на трасата успеавме да пронајдеме траса што овозможи квазиоптичка видливост и успешна радио врска на 3-сантиметарските бранови кои се простираат строго праволиниски и не можат да поминат низ препреки.
Вториот, можеби и поважен фактор, претставуваше користењето на сосема нова опрема за немодулирана телеграфија, наместо за ФМ телефонија. Истата претставува самоградба базирана на кинески модули за тестирање на разни микробранови компоненти. Моќноста на предавателите ја зголемивме од 4 mW на 20 mW (со можност за 50 mW), а го подобривме и приемот. Пропагациите беа совршени, па така и на 144 MHz со малите рачни станици „Баофенг“, само со 1 W и малите „пендрек“ антени имавме совршена чујност.
Сигналите на Николче, Z32TW/P испратени од штипско и примени и демодулирани кај мене на Попова Шапка. На екранот се гледа фреквенцијата од 618 MHz, односно првата меѓуфреквенција по транспонирањето на сигналите од 10.368 MHz со локален осцилатор во LNB-то на 9.750 MHz. Сигналите воопшто не излегоа надвор од прпусниот опсег од 500 Hz на филтерот за телеграфија (сината лента под жолто-црвената ватерфол линија).
Приемот на моите сигнали кај Николче со неговиот 8-битен SDR. Резолуцијата на фреквенцијата е послаба и сигналите се осетно послаби, но од екранот се гледа дека Николче го држи на минимум високофреквентното засилување (RF gain). Среде празен екран и никаков шум, се слушаат само сигналите! Очигледно е дека и 8-битниот рисивер може да овозможи уште подобар прием. Сé на сé, сé е добро, штом добро ќе се заврши.
Освен тоа, заради полесна преносливост на Попова Шапка беше користена мала параболична антена со дијаметар од само 38 cm, како и 14-битен SDR приемник, клон на познатиот RSP1 со чипсетот MSi001 / MSi2500. Николче, на својата пониска и попристапна локација имаше можност да однесе голема параболична антена од 85 cm, но на прием користеше поскромен, 8-битен SDR приемник, базиран на класичниот RTL2832U чипсет. На двете страни користевме лаптоп компјутери (наместо мобилни телефони, како досега) со SDR софтверот HDSDR.
Програмата HDSDR се покажа како многу квалитетна за прием на слаби сигнали. Фреквенцијата е изненадувачки стабилна благодарение на користење на температурно компензиран (TCXO) осцилатор во приемниот LNB, но и температурно изолиран PLL осцилатор на предавателната страна.
На двете страни од трасата нишанењето беше одлично направено, така што сигналите ги слушнавме од првиот обид, без потреба од вртење на антените. По завршената врска, завртувајќи ја антената за околу 1 степен налево јас ја најдов оптималната насоченост и примив уште посилни сигнали.
Оваа локација беше избрана затоа што до неа Николче можеше да дојде со кола. За подалечна врска би морал и тој да се искачува на планина пешки и со помала антена, како што направив јас
Сигналите беа прилично силни, така што се надеваме дека ќе успееме да го подобриме и сегашниот рекорд доколку успееме двете станици, со мали параболични антени, да ги поставиме високо на планина.
Новиот примопредавател за немодулирана телеграфија за 10 GHz, речиси целиот е изработен од готови кинески модули, така што повеќе се користени клучеви и одвртки, отколку лемилица. Кинезите ги продаваат тие модули како копии на таканаречените evaluation boards (EVB), што производителите (американски компании исто така лоцирани во Кина) ги прикаѓуваат во нивните data sheets & application notes.
Блок-шемата на новиот примопредавател за немодулирана телеграфија за 10 GHz. Речиси целиот е изработен од готови кинески модули, така што повеќе се користени клучеви и одвртки, отколку лемилица.
Накратко, предавателот се состои од директен дигитален синтисајзер на фреквенции (DDS), односно програмабилен PLL што работи на 5.184,050 MHz. Сигналот на оваа фреквенција најпрво се засилува, па се води во дублер на фреквенција HMC204 на чиј излез се добиваат 10.368,1 MHz, кои понатаму се засилуваат со уште еден стапен со засилување од 30 dB до излезна моќност од 13 dBm (20 mW). Телеграфското тастување се врши преку напонот за напојување на засилувачите.
Ова не е мала моќност, како што изгледа на прв поглед. Благодарение на големото засилување на антените на оваа фреквенција (на пример 36 dB, односно 4000 пати со големата антена на Николче), ефективната иззрачена моќност (EIRP) изнесува дури 80 W!
Како предавателна антена е искористена двоелементна планарна антена од Доплер-радарскиот модул HB-100, што порано го користевме како ФМ предавател. Оваа антена се наоѓа пред влезот на хорната од приемниот LNB, но поради малата моќност и панелот од задната страна на планарната антена, не е предвидено микробраново реле за преклопување прием/предавање.
Детал од предавателната страна. Тука се гледа модуларната градба, односно поврзувањето на модулите на лице место кај самата антена, без користење на никаква кутија, со цел намалување на загубите во преносните линии. Најдолу, во пластична футрола се наоѓа програмабилниот DDS осцилатор со PLL. Футролата му служи како топлинска изолација, што беше особено важно на Попова Шапка заради ветерот, што има тенденција да ја промени фреквенцијата. Веднаш над него со SMA муф е поврзан првиот засилувач на 5 GHz, a над него следи парче крут коаксијален кабел RG-402 со тефлонска изолација (со сина боја), кој има мало слабеење на овие фреквенции. Над кабелот следат дублерот на фреквенција и излезниот степен, засилувачот за 10 GHz со моќност од 20 mW. Двата засилувачи се тастуваат телеграфски преку напонот за напојување. На сликата не се гледа, но планарнмата антена е поставена под црвениот капак од приемниот LNB.
Сетапот на Николче, Z32TW/P na Ѓупски Рид. Во основа се работи за иста апаратура, освен што тој користи поголема, 85-сантиметрска параболична антена, но 8-битен SDR. Сепак, и таквиот послаб приемник му беше доволен, заради поголемата антена. Во позадина се гледа столбот на ЕСМ за мерење на брзината на ветерот во штипско. Порано ЕСМ домаќински мерел и се спремал да гради ветропарк за потребите на државата и граѓаните, пред власта да им ги отстапи овие ридови на странскиот Алказар Енерџи и да нé лиши од евтина електрична енергија од ветер.
Предавателната двоелементна планарна антена (зелено обоена) пред грлото на приемната хорн антена (зад црвениот капак) од LNB даунконверторот.
Овие правоаголни „дамки“ долги и широки само неколку милиметри иззрачуваат доволно енергија, која засилена од параболичниот рефлектор патува преку 100 km!
На примната страна имаме прецизен LNB (low noise block) со TCXO (temperature compenzated crystal oscillator) во локалниот осцилатор, каков што користием за ранота преку сателитот QO-100. Ваквите прецизни LNB се продаваат под името Bullseye.
LNB-то се напојува преку коаксијален кабел и Bias-T склоп, а сигналот на првата меѓуфреквенција од 618 MHz се води до SDR (software defined radio) приемникот (12-битен кај мене, односно 8-битен кај Николче), којшто преку OTG USB кабел е поврза со лаптоп компјутер и програмата HDSDR, којашто нуди напредни можности за дигитално филтрирање и демодулирање.
Антените се параболични, со дијаматер од 38 cm и засилување од околу 30 dB (на мојата страна), односно дијаметар од 85 cm и засилување од 36 dB (кај Николче).
Оваа апаратура се покажа одлично и може да се користи за терестријални контакти до каде што дозволува закривеноста на Земјината топка и висините на двете станици.
Инаку, за да појдеме и да се вратиме од Битола до работните позиции во тетовско и штипско, со Николче извозивме со колите околу 700 km!
<p>Z31RQ/P на работната позиција кај напуштената метеоролошка станица на Попова Шапка. Лево се гледа самиот врв Попова Шапка и викенд-населбата. На преносливиот троножец е поставена мала параболична антена со дијаметар од само 38 cm, што сепак беше доволна за успешна врска благодарение на теснопојасниот начин на работа (немодулирана терлеграфија). На земја се гледа лаптоп компјутерот со штитник за сонце, бидејќи без него не би се гледало ништо од силното светло. Мора да се мисли и на такви детали. Во рацете држам минијатурни рачки од електронски тастер. Тука мора сé да биде минијатурно, за да може да се пренесе во еден ранец!</p>
<p>Поглед преку нишанот на антената на Николче, Z32TW/P кон Попова Шапка. На само 2 километри има рид што е само десетина метри понизок од Ѓупски Рид, така што сигналите се пробиле практично низ самите крошни од дрвјата. На сликата не се гледа ридот Богословец, но неговата лева падина претставуваше визуелен ориентир за нишанење според софтверот за планирање на трасата, независно од нишанењето според компас.</p>
<p>Детал од предавателната страна. Тука се гледа модуларната градба, односно поврзувањето на модулите на лице место кај самата антена, без користење на никаква кутија, со цел намалување на загубите во преносните линии. Најдолу, во пластична футрола се наоѓа програмабилниот DDS осцилатор со PLL. Футролата му служи како топлинска изолација, што беше особено важно на Попова Шапка заради ветерот, што има тенденција да ја промени фреквенцијата. Веднаш над него со SMA муф е поврзан првиот засилувач на 5 GHz, a над него следи парче крут коаксијален кабел RG-402 со тефлонска изолација (со сина боја), кој има мало слабеење на овие фреквенции. Над кабелот следат дублерот на фреквенција и излезниот степен, засилувачот за 10 GHz со моќност од 20 mW. Двата засилувачи се тастуваат телеграфски преку напонот за напојување. На сликата не се гледа, но планарнмата антена е поставена под црвениот капак од приемниот LNB.</p>
Сетапот на Николче, Z32TW/P na Ѓупски Рид. Во основа се работи за иста апаратура, освен што тој користи поголема, 85-сантиметрска параболична антена, но 8-битен SDR. Сепак, и таквиот послаб приемник му беше доволен, заради поголемата антена.
Во позадина се гледа столбот на ЕСМ за мерење на брзината на ветерот во штипско. Порано ЕСМ домаќински мерел и се спремал да гради ветропарк за потребите на државата и граѓаните, пред власта да им ги отстапи овие ридови на странскиот Алказар Енерџи и да нé лиши од евтина електрична енергија од ветер.