Рубрика: Астрономија и астронаутика
Артемида 2: СЛС ракетата е подготвена да го врати човештвото на Месечината
Објавено на 24.09.2025 - 18:45

СЛС ракетата (Space Launch System – SLS) на НАСА е подготвена да го лансира вселенскиот брод Орион со екипаж од астронаути кон Месечината. Мисијата Артемида 2 (Artemis II) на НАСА ќе означи историски момент: за првпат по повеќе од педесет години, четири астронаути ќе летаат околу Месечината. Тоа ќе биде пробен лет со екипаж, за кој се очекува да трае приближно десет дена, и ќе претставува одлучувачки чекор кон враќањето на човештвото на површината на Месечината и, прва попатна станица кон  “освојувањето” на Марс.

Засега, мисијата Артемида 2 на НАСА е закажана за април 2026 година, со цел лет со екипаж околу Месечината. Сепак, НАСА се стреми да го помести лансирањето за февруари 2026 година, доколку тоа го овозможат техничките услови.

СЛС е најмоќната ракета што некогаш била создадена од НАСА, дизајнирана за мисии надвор од Земјината орбита. Висока е приближно 98 метри и развива потисок од приближно 4 милиони килограми. Нејзините главни компоненти се основниот степен со четири мотори RS-25, два странични бустери на цврсто гориво, горниот степен ICPS (привремена криогена погонска фаза) и адаптери за вселенското летало Орион (Orion). Ракетата треба да однесе товар од приближно 27 тони во лунарната орбита – астронаути и корисен товар, оттаму до површината на Месечината и, некаде во блиска иднина, до Марс.

На прв поглед, СЛС системот на Артемида 2 се чини идентичен со тој што безекипажниот Орион  го однесе во орбита, со мисијата Артемида 1 (Artemis I). Но, инженерите и техничарите воведоа бројни подобрувања, и внатрешно и надворешно, со кои се подобрува сигурноста, безбедноста и перформансите. Помеѓу клучните иновации се оние во делот на навигацијата и комуникациите со Земјата. СЛС има подобрен систем за водење и преместени антени со цел да се обезбеди континуирана комуникација со терестријалните бази како и онаа на Space Launch Delta 45 на американските вселенски сили (командата на американските вселенски сили со седиште во Кејп Канаверал, Флорида). Командата ги одобрува и раководи со вселенските лансирања од Вселенскиот центар Кенеди и Станицата на вселенските сили Кејп Канаверал; ја гарантира безбедноста на лансирањето и околниот воздушен простор/море; и ги следи и поддржува комуникациите и операциите за време на најделикатните фази од вселенскиот лет).

Безбедноста на екипажот е исто така земена предвид: ICPS (привремениот криоген степен) е опремен со систем способен за откривање аномалии и алармирање на астронаутите; понатаму, механизмот за самоуништување на ракетата е модифициран со задоцнување што, во случај на нужда, треба да да му овозможи на Orion да се оддалечи.

Подобрено е и одвојувањето на бустерот – страничните ракети со цврсто гориво ќе се одвојат четири секунди порано отколку при мисијата Артемида 1, обезбедувајќи вредни податоци за оптимизирање на носивоста за идните мисии. Има намалување и на вибрациите. Имено, за време на мисијата Артемида 1 беа забележани неочекувани осцилации во точките на прицврстување на бустер ракетата. За да се коригираат овие проблеми, инсталирани се специјални двометарски аеродинамични стабилизатори и ажурирани се вградените електронски системи. Другите подобрувања вклучуваат единица за контрола на дистрибуцијата на енергија, која сега нуди поголема заштита во овој домен. Накратко, СЛС системот на Артемида 2 претставува преработена верзија, дизајнирана да овозможи безбедно патување за првиот екипаж на програмата.

Мисијата ќе биде историска и поради составот на екипажот, којшто ја одразува посветеноста на НАСА и нејзините меѓународни партнери кон инклузивно и глобално истражување на вселената. На вселенскиот брод Орион ќе се најдат: Рид Вајзман (НАСА), како командант на мисијата, поранешен пилот на борбен авион и поранешен началник на Канцеларијата за астронаути на НАСА; Виктор Гловер (НАСА), пилот и прв афроамерикански астронаут кој ќе лета околу Месечината. Тој веќе учествувал во долготрајна мисија на Меѓународната вселенска станица (Експедиција 64); Џереми Хансен (CSA, Канадска вселенска агенција), специјалист, поранешен пилот на борбен авион во канадските вооружени сили. Тој ќе биде првиот неамерикански астронаут кој ќе учествува во една лунарна мисија. Кристина Хамок Кох (НАСА), специјалист, инженер за електроника и астронаут, позната по тоа што го држи рекордот за најдолг престој во вселената за жена (328 последователни дена). Таа ќе биде првата жена што ќе ја напушти Земјината орбита за да лета на Месечината. Никогаш порано жена, афроамерикански астронаут и Канаѓанец не учествувале во мисија надвор од ниската Земјина орбита.

Во мисијата Артемида 2 нема да има слетување на астронаути на Месечината, таа цел е планирана за мисијата Артемида 3 (Artemis III), но тестот ќе биде клучен за верификација на секој од системите во реални услови, отворајќи го патот за враќање на човекот на површината на Месечината. Целата серија мисии со назнака Артемида има за цел не само да воспостави одржливо присуство на човекот на Месечината, туку и да го подготви човештвото за следниот голем предизвик – испраќање луѓе на Марс.

Клучни зборови: