Рубрика: Астрономија и астронаутика
Меѓуѕвездената комета 3I ATLAS засвети во зелено за време на затемнувањето на Месечината
Автор: Даниел Анастасов
Објавено на 18.09.2025 - 00:00

Оваа неочекувана боја покренува нови прашања за вонземската хемија на кометите кои ни доаѓаат од надвор од нашиот Сончев систем.
На 7 септември 2025 година, небото се затемни кога сенката на Земјата ја „проголта“ Месечината. Набљудувачите на небото во многу делови од светот ја видоа Месечината како станува крваво црвена поради целосно затемнување на Месечината.

За аматерите-астрономи Михаел Јегер и Џералд Реман во Намибија, затемнувањето не беше само глетка за набљудување, туку им даде и невидена можност: шанса да ја фотографираат меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS под едно од најтемните неба на Земјата.

Користејќи го природното затемнување на Месечината, дуото успеа да направи неколку длабоки слики од кометата, откривајќи нешто изненадувачко: кометата светеше зелено.
3I/ATLAS е само трета потврдена меѓуѕвездена комета забележана како поминува низ нашиот Сончев систем а од каде потекнува е сè уште мистерија. Кометата е класифицирана како меѓуѕвездена бидејќи нејзината траекторија е хиперболична, што значи дека не е гравитациски врзана за Сонцето и најверојатно потекнува од друг ѕвезден систем (барем тоа е најверојатната теорија).

Овој објект ги следи стапките на два други познати меѓуѕвездени објекти: Оумуамуа, тело во облик на пура кое сè уште предизвикува дебати за неговата природа, и кометата 2I/Борисов, првата потврдена меѓуѕвездена комета, која покажала типична прашлива кома и опашка. Сега, 3I/ATLAS им дава на астрономите уште една ретка можност да ја проучат хемијата на материјалот формиран околу друга ѕвезда.

Ова е првата слика што покажува зелена нијанса на 3I/ATLAS, што алудира на неговиот специфичен хемиски состав. Со темнината што ја обезбеди затемнувањето на Месечината, првото објаснување за оваа зелена боја е дека кометата може да има двоатомски јаглерод (Ц2). Познато е дека овој молекул, составен од два јаглеродни атоми врзани заедно, флуоресцира зелен сјај кога е осветлен од сончева светлина.

Во август, астрономите во опсерваторијата Кит Пик во Аризона открија дека 3I/ATLAS всушност е сиромашен со молекули од јаглеродниот ланец, вклучувајќи и дво-атомен јаглерод. Ова го поставува прашањето, ако дво-атомниот јаглерод отсуствувал само еден месец претходно, како кометата одеднаш сега е зелена?

Една можност е дека загревањето од Сонцето предизвикало топење на свежи слоеви мраз и ослободување на скриени дво-атомни молекули на јаглерод кои претходно биле заробени под површината. Друга можност е дека зелениот сјај доаѓа од други молекули кои исто така светат под сончева светлина. Бидејќи 3I/Atlas доаѓа надвор од Сончевиот систем, може да содржи хемија што не е вообичаено забележана кај кометите во нашиот Сончев систем, што доведува до лажен „класичен“ зелен сјај од непознат извор.

Каква и да е причината, 3I/ATLAS останува мистерија во многу аспекти додека астрономите продолжуваат да го проучуваат додека се движи низ нашиот Сончев систем.
 

Клучни зборови:
Оваа слика од меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS го покажува нејзиниот зелен сјај. (Фото: Michael Jäger/Gerald Rhemann)

Оваа слика од меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS го покажува нејзиниот зелен сјај. (Фото: Michael Jäger/Gerald Rhemann)