Инженери во Кина и САД прикажаа 6G чип што може да испорача интернет брзина од повеќе од 100 гигабити во секунда. Тоа е 10 пати побрзо од теоретската граница на 5G и речиси 500 пати побрзо од неговата просечна брзина.
Иако не се очекува 6G комуникациските мрежи да почнат да се воведуваат до 2030-тите, темелите треба да се постават многу порано. Досега веќе беа претставени неколку прототипови што постигнуваат вакви брзини, но тоа не го прават толку ефикасно како новиот чип, кој се изнедри од соработката помеѓу научниците од Пекиншкиот универзитет и од Градскиот универзитет во Хонг Конг од една страна и научниците од Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, САД.
Една предност е големината на чипот која изнесува само 11 x 1,7 милиметри. И покрај неговата мала големина, тој работи во „ултраширок“ фреквентен опсег, од 0,5 до 115 GHz. Покривањето на овој спектар бара девет различни радио опсези, што обично бара неколку различни компоненти.
Ова е овозможено со електрооптички модул кој ги претвора радио сигналите во оптички. Во спротивна насока, чипот користи оптоелектронски осцилатори за да генерира радиофреквенции во рамките на ултраширокиот опсег.
Ова му овозможува на новиот чип да достигне брзина од повеќе од 100 гигабајти во секунда. За споредба, 5G технологијата достигнува максимална брзина од 10 гигабајти во секунда, но во пракса е многу побавна – провајдерите во САД, на пример, обично нудат просечни брзини помеѓу 150 и 300 мегабајти во секунда.
Иако компаниите сè уште имаат многу работа за да ја развијат инфраструктурата, 6G безжичната технологија е практично неизбежна.
Се очекува да пристигне во следната деценија, токму на време за да ги задоволи нашите постојано растечки потреби за податоци, благодарение на стримингот со ултра висока дефиниција и нашата склоност кон вградување на вештачка интелигенција во сè.
Истражувачите го објавија својот труд во кој го опишуваат новиот чип во списанието Nature.