Во оваа статија пишуваме за тоа како mRNA вакцините на Фајзер и Модерна од апсолутни фаворити за спречување на симптоматска ковид инфекција, по извесно време се претворија во профилактични интервенции кои со секоја наредна доза го зголемуваат ризикот од ковид, а ќе се осврнеме и на потенцијалните биолошки механизми зад овој апсолутно неприфатлив исход. Наспроти вакцините, постојат евтини, безбедни препарати, витамини и стари пренаменети лекови со солидни докази за висока ефективност во спречување на ковид инфекција, како и за спречување на преносот на инфекцијата. На крајот, ќе презентираме фрапантни статистички податоци за невидената цензура на сите овие научни факти од страна на мејнстрим медиумите во последните 5 години.
Совршенство од вакцини
Во оригиналните студии за mRNA вакцините против ковид објавени на 10 декември 2020 (Фајзер) и 30 декември 2020 (Модерна) во The New England Journal of Medicine, ефикасноста против симптоматски ковид беше пресметана на 95% (Фајзер) и 94% (Модерна). Овие совршени резултати предизвикаа бранови од воодушевување низ целиот свет. Во истиот период започна масовната вакцинација во западниот свет, во која доминираа токму овие две вакцини. Според четботот Grok на платформата X, иако нема точни податоци за опфатот на mRNA вакцинацијата на светско ниво, грубата проценка е дека 3-5 милијарди mRNA дози биле инјектирани глобално што одговара на 2-3 милијарди луѓе.
Дали вакцините на Фајзер и Модерна го спречуваа преносот на вирусот?
И покрај екстремно високата ефикасност за спречување на ковид од 95%, во студиите на Фајзер и Модерна, спречувањето на преносот (трансмисијата) на вирусот едноставно не беше предмет на испитување. Под пренос се подразбира исходот кога вакциниран го пренесува вирусот на други. Едноставно, производителите воопшто немале намера да го тестираат овој исход. Сепак, тоа не беше пречка познатите здравствени авторитети како тогашната директорка на CDC Rochelle Wallensky, милијардерот-вакцинолог Bill Gates и популарната водителка-вакцинолог Rachel Maddow да даваат цврсти изјави на најгледаните и најслушаните медиуми дека со вашето вакцинирање, не само што нема воопшто да заболите од ковид туку и нема да го пренесете вирусот на други луѓе. Едноставно, ако сте вакцинирани, вирусот запира – ем не заболувате, ем не го пренесувате. Ваквите изјави од моќни и влијателни луѓе беа крајно неодговорни бидејќи граѓаните беа изложени на тешка манипулација со пропагирање на неточната теза дека вакцинирањето не е само да се заштитите себеси туку и да ги заштитите тие околу вас. Целта беше да се наметне чувство на вина базирано на лажната премиса: “невакцинираните се неодговорни кон заедницата бидејќи не ги заштитуваат ранливите”. Така започна “ловот на вештерки” против скептичните кон масовното инјектирање со новите недоволно тестирани mRNA вакцини.
Изјави на влијателни луѓе за ковид вакцините во 2021
Негативна ефективност на mRNA вакцините детектирана уште во летото 2021?!
Иронијата никогаш не недостасувала во апсурдни времиња. Така, веќе во летото и есента 2021, не само што немаше никакви докази дека mRNA вакцините спречуваат пренос на вирусот, туку јавно достапните податоци во некои високо вакцинирани земји од тамошните здравствени агенции индицираа дека и ефективноста за спречување на ковид паднала од совршените 95% на приближно нула (Израел) или дури станала негативна за старосните групи над 30 години (Англија). Се разбира, овие индиции беа игнорирани или отфрлани од здравствените власти кои упорно го бранеа ставот дека ефективноста навистина се намалува по неколку месеци поради слабеење на имунолошкиот одговор (што го отвори патот за бустерите!), но дека никогаш не паднала на нула или, не дај боже, станала негативна. Исто така, често користен аргумент беше дека вакцините биле тестирани за еден сој, а сега циркулира друг сој и тоа е значајна причина што ефективноста значително се намалила. Но, да се потсетиме што кажа директорот на Фајзер во интервју за CNBC во мај 2021: “Не постои сој што ја заобиколува заштитата од нашата вакцина”.
Податоци од Министерствот за здравство на Израел од јули 2021 за состојбата на ковид инфекции според вакцинален статус и старосна група
Негативна ефективност која станува уште понегативна со секоја наредна доза?!
Сега, малку fast forward и да се префрлиме во јуни 2023. Во списанието Open Forum Infectious Diseases, група автори од Клиниката во Кливленд, Охајо, објавуваат труд со наслов “Effectiveness of the Coronavirus Disease 2019 Bivalent Vaccine”. Основната цел на ова истражување била да се процени дали бивалентната вакцина против ковид-19 штити од ковид-19. Се работи за масивна студија спроведена на повеќе од 50 илјади здравствени работници од Клиниката во Кливленд. Покрај основниот резултат дека ефективноста на бивалентната вакцина против ковид е 29%, истражувачите откриле и една фрапантна законитост која тотално го засенува главниот резултат. Пресметале дека здравствените работници вакцинирани со 4 или повеќе дози mRNA вакцини на Фајзер или Модерна имале 3,5 пати повисока стапка на ковид инфекции од невакцинираните колеги! Реформулирано, ефективноста на mRNA вакцините кај вакцинираните со 4 или повеќе дози во однос на невакцинираните била минус 250%! Да се потсетиме што објавија Фајзер и Модерна во декември 2020 – нивните вакцини имале ефикасност од 95% и 94%, респективно. Што се случи во меѓувреме со ефикасностите на овие “совршенства” од вакцини?
Табела со релативни ризици по групи (во црвениот правоаголник) зависно од бројот на примени дози во однос на невакцинираната група
Но, приказната е неколкукратно пошокантна од ова. Да биде иронијата уште поголема, истражувачите пронашле дури и пострашна закономерност. Утврдиле дека невакцинираните здравствени работници имале најниска стапка на инфекции (!), оние со 1 доза mRNA вакцина имале повеќе инфекции од невакцинираните, оние со 2 дози имале повеќе инфекции од тие со 1 доза, оние со 3 дози имале повеќе инфекции од тие со 2 дози и оние со 4 или повеќе дози имале највисока стапка на инфекции. Погледнете го графикот со кумулативните стапки на инфекции подолу. Апсолутно контраинтуитивно и многу застрашувачко откритие – како се зголемувал бројот на примени дози, така се зголемувал ризикот од заболување со ковид!
Дали сте слушнале за оваа студија?
Кумулативни стапки на ковид инфекции кај различни групи во зависност од бројот на примени дози
Едно едноставно објаснување за овој парадокс е дека оние кои примиле повеќе дози имале поголема веројатност да бидат лица со поголем ризик за ковид инфекција. Сепак, поголемиот дел од учесниците во оваа студија биле млади и разумно може да се очекува дека оние што одлучиле да не ги следат препораките на CDC имале поголема веројатност да покажат ризично однесување. И покрај тоа, нивниот ризик од добивање ковид бил помал од оној на учесниците кои примиле повеќе претходни дози вакцина. Да бидеме на јасно – по дефиниција – неефективна вакцина ниту го намалува ниту го зголемува ризикот од инфекција, т.е. има нула заштита. Но, во случајот со славните вакцини на Фајзер и Модерна има нешто што се вика негативна ефективност која станува уште понегативна со секоја наредна доза. Нешто, сепак, не е во ред со овие ковид вакцини.
Ако помисливте дека ова е единствената осамена студија што покажува негативна ефективност на Фајзер и Модерна, подгответе се за следните шест.
Уште 6 студии демонстрираат дека ковид вакцините всушност го зголемуваат ризикот од инфекција
Погледнете ги овие трудови:
• Nakatani et al. - Вакцинираните лица имале 85% зголемени шанси за инфекција со ковид во споредба со невакцинираните лица (OR = 1,85; 95% CI: 1,33–2,57)
• Eythorsson et al. - Кај вакцинираните лица, шансите за повторна инфекција биле за 42% повисоки кај оние кои примиле 2 или повеќе дози во споредба со оние со 1 доза или помалку (95% CI: 1,13–1,78).
• Chemaitelly et al. - Ефективноста на вакцината на Фајзер против симптоматски инфекции со BA.1 и BA.2 Омикрон се намалила од 46,6% и 51,7% (1–3 месеци по дозата) на -17,8% и -12,1% (≥7 месеци). Слично на тоа, ефективноста на Модерна се намалила од 71,0% и 35,9% на -10,2% и -20,4% во истиот период.
• Feldstein et al. (CDC) - Децата вакцинирани со Фајзер без претходна инфекција со SARS-CoV-2 имале 159% поголема веројатност да се заразат (HR = 2,59; 95% CI: 1,27–5,28) и 257% поголема веројатност да развијат симптоматски ковид (HR = 3,57; 95% CI: 1,10–11,63) во споредба со невакцинираните деца без претходна инфекција.
• Ioannou et al - Ефективноста на вакцината против документирана инфекција со SARS-CoV-2 била -3,26% (95% CI, -6,78% до -0,22%), што значи дека вакцинираните лица имале статистички значајна повисока стапка на инфекција од невакцинираната контролна група.
• Perez et al. - 11-кратно зголемување на нивоата на IgG4 антителата било поврзано со 1,8 пати поголем ризик од инфекција. (HR 1,8; 95% CI: 1,2–2,7)
Дали сте слушнале за овие студии?
Повеќекратна вакцинација води до имунолошка толеранција
Се чини дека од особена важност е последната студија Perez et al. Во неа најверојатно лежи одговорот на прашањето: зошто повеќе примени дози од mRNA вакцина се полоши од помалку примени дози? Според оваа студија, по три или повеќе дози на mRNA вакцина како Фајзер или Модерна, имунолошкиот систем почнува да произведува значително повеќе IgG4 антитела (исто така и IgG2) поврзани со спајк протеинот. Всушност, студијата покажала дека нивоата на IgG4 се зголемиле за речиси 11 пати по третата доза. Тоа е значителна промена во профилот на антитела. Спротивно на тоа, IgG1 и IgG3 антителата биле или умерени или се намалиле со текот на времето.
Овие типови на антитела, IgG4 и IgG2, се познати како „нецитофилни“, што значи дека не прават многу за да регрутираат имуни клетки за да го нападнат вирусот. Ова е многу различно од IgG1 и IgG3, кои се „цитофилни“ - тие активно го ангажираат имунолошкиот систем за да ги исчистат инфекциите.
Овој ефект на менување на класата на антитела не е забележан кај луѓе кои примиле аденовирусни векторски вакцини (АстраЗенека, Џонсон&Џонсон, Спутник) или кај оние кои биле природно заразени. Се чини дека е уникатен за mRNA платформата.
Сооднос на четири вида IgG антитела после втора доза, подоцна после втора доза, после трета доза и подоцна после трета доза
Зошто ова е важно?
IgG4 и IgG2 не само што се послаби во неутрализирањето на вирусот, туку можат да го обучат телото да толерира повторено изложување на вирусот, т.е. да предизвикаат нешто што се нарекува имунолошка толеранција - феномен што обично се забележува кај алергии или хронични инфекции.
Според една студија објавена во Science Immunology во декември 2022, IgG4 антителата се зголемиле, во просек, од 0,04% кратко по втората вакцинација на 19,27% подоцна по третата вакцинација.
Според друга студија објавена во Frontiers in Immunology во јануари 2023, главното откритие и лошата вест е дека mRNA вакцините предизвикуваат имунолошка толеранција, што се докажува со IgG4 антителата, дури и по само две дози и тоа само кај вакцинирани без претходна инфекција. Тоа покажува дека кај претходно неинфицирани луѓе, со текот на времето по вакцинацијата со mRNA (Фајзер или Модерна):
• количината на добри, IgG3 антитела кои се борат против инфекции, се намалува;
• количината на лоши, IgG4 антитела кои ги игнорираат инфекциите, се зголемува.
Дали промената на класата на IgG антителата од IgG3 и IgG1 кон IgG4 и IgG2 при повеќекратна mRNA вакцинација е причината за негативната ефективност на вакцините на Фајзер и Модерна?
Безбедни препарати спречуваат пренос на вирусот
Од друга страна, малку е познато во јавноста, и глобално и кај нас, дека постојат безбедни препарати за прскање или измивање на усно-носната празнина за кои има силни докази добиени од рандомизирани испитувања дека обезбедуваат речиси 100% спречување на преносот на вирусот од инфициран на неинфициран човек. На пример, оваа двојно слепа, рандомизирана студија со 600+ учесници реализирана во март-јули 2021 покажа дека усно-назален спреј составен од повидон-јод и глициризинска киселина не само што обезбедува брзо чистење на вирусот туку и го редуцира преносот на вирусот за 92-94%. Со други зборови, инфицираните со ковид вирусот третирајќи се со спрејот ги заштитиле речиси сите домашни од вирусот. Дали сте слушнале за оваа студија?
Редукции на различните ковид исходи и нивните интервали на доверба од студијата за повидон-јод и глицизиринска киселина. Редукциите на преносот на инфекција се заокружени со црвено
Безбедни спрејови, суплементи и стари лекови даваат супериорна заштита од ковид
Ќе дадеме краток преглед на три профилактични средства за кои соодветните рандомизирани студии покажале висока ефективност за спречување на ковид инфекција – назален спреј со азеластин, витамин Д и ивермектин.
Азеластин – спреј за нос
Во периодот од март 2023 до јули 2024, германски истражувачи спровеле рандомизирано, плацебо контролирано клиничко испитување со 450 учесници на азеластин, стар широко достапен антиалергиски спреј за нос, како превентивна интервенција против ковид инфекција. Заштитата од симптоматски ковид достигнала импресивни 72% додека спрејот бил 54% успешен во спречување на инфекции од не-ковид респираторни вируси. Трудот е објавен пред неколку дена во списанието JAMA Internal Medicine. Дали сте слушнале за оваа студија?
Редукции на различни ковид исходи и нивните интервали на доверба од студијата за азеластин како профилакса
Витамин Д
Во мета-анализа на 5 рандомизирани клинички испитувања на суплементација со витамин Д како профилакса со вкупно 1200 здравствени работници објавена во февруари 2024, најдено е дека збирната ефективност на витамин Д против ковид инфекција била 79%. Дали сте слушнале за оваа студија?
Потсетете се дека кај здравствените работници со 4+ дози, mRNA вакцините имале -250% ефективност, односно ризикот од ковид им бил зголемен за 250%. Кој од овие е покорисен за ковид, витамин Д или mRNA вакцините?
Forest plot-от на мета-анализата на студиите за суплементација со витамин Д како профилакса
Ивермектин
Повторно “лекот за коњски глисти”!? Зар митот за корисноста на овој “коњски лек за паразити” не беше разбиен уште во 2021? Не само што не е мит, туку ивермектин има најсолидни докази за неговата способност да спречи ковид инфекција ако се зема профилактично било пред или после изложеност на вирусот, 81% според мета-анализата на 16 студии (со 14,000 учесници) и 87% според мета-анализата на рандомизираните контролирани испитувања (со околу 2,200 учесници).
Во едно двојно слепо рандомизирано плацебо контролирано испитување за профилакса со ивермектин после изложеност на ковид вирусот, реализирано од француската фармацевтска компанија MedinCell, а објавено во јануари 2023, и тоа во услови на омикронски потсоеви за кои добро се знае дека се високо инфективни, заштитата од ковид инфекција била 72%, додека заштитата од високо вирално оптоварување била неверојатни 96%. Дали сте слушнале за оваа студија?
Редукции на различни ковид исходи и нивните интервали на доверба од студијата за ивермектин како профилакса
Цензурата во мејнстрим медиумите
Забележавте дека неколку пати беше поставено прашањето “Дали сте слушнале за оваа студија?”. Не е случајно тоа што не знаете за нив. Се работи за негативни студии за вакцини на големите фармацевтски компании (Биг Фарма) “тешки” 100-тина милијарди долари и за позитивни студии за евтини, непатентирани лекови и суплементи од кои никој не се збогатил. Несомнен интерес на Биг Фарма е и едните и другите факти да останат целосно непокриени од мејнстрим медиумите, по можност јавноста никогаш да не дознае за нив.
Веќе е достапна и таа статистика за цензурата. Сопствениците и раководните тимови на Биг Фарма имаат причина да бидат задоволни:
• 96% од негативните студии за високо профитните лекови на Биг Фарма биле цензурирани во главните медиуми. !
• 98% од позитивните студии за евтините лекови и суплементи биле цензурирани во главните медиуми. !
Приказ на поединечните позитивни и негативни студии на високо профитни лекови во текот на годините кои биле покриени или непокриени во мејнстрим медиумите
Приказ на поединечните позитивни и негативни студии на евтини лекови во текот на годините кои биле покриени или непокриени во мејнстрим медиумите
Нели сега е многу појасно? Како би знаеле за сите овие студии кога емпириски е покажано дека негативните студии за лековите/вакцините на Биг Фарма и позитивните студии за евтините лекови/суплементи биле речиси 100% цензурирани во мејнстрим медиумите?
Сепак е чудно. Како е можно да имало речиси целосна цензура на фактите непријатни за Биг Фарма во мејнстрим медиумите во последните 5 години? Дали можеби во позадина има некаква спрега помеѓу овие две индустрии или сепак е само една бесмислена теорија на заговор на неуките антиваксери?
Редукции на различните ковид исходи и нивните интервали на доверба од студијата за повидон-јод и глицизиринска киселина. Редукциите на преносот на инфекција се заокружени со црвено