Рубрика: Астрономија и астронаутика
Светлосна медуза на небото
Објавено на 09.07.2025 - 14:15

Фотографијата подолу, направена од Меѓународната вселенска станица додека се наоѓала над Мексико, покажува редок црвен виленик, светлосен феномен во облик на медуза што се појавува при електромагнетни атмосферски празнења што се случуваат мошне високо над олујните облаци (кумулонимбуси). Мистеријата на нивното потекло сè уште се решава...

На 3 јули 2025 година, Никол Ајерс, астронаут на мисијата Кру-10 (Crew-10) на Спејс Екс (SpaceX) и член на Експедициите 72 и 73 на Меѓународната вселенска станица (МВС), сними редок и спектакуларен атмосферски феномен: џиновски црвен виленик, налик на медуза од светло, кој се издига над олујните облаци помеѓу Мексико и јужниот дел од Соединети Американски Држави.

Црвените виленици, познати и како минливи светлосни настани (Transient Luminous Events – TLE), претставуваат електрични празнења на голема надморска височина што се случуваат над олујните облаци. Она што ги прави различни од другите атмосферски празнења се нивните спектакуларни форми – црвени краци што наликуваат на медузи, моркови или пипала. Нивната боја потекнува од интеракцијата со азотот во мезосферата, на висина од 50 до 80 километри над тлото.

Од кабината на МВС, Ајерс успеа во еден кадар да го фати и блесокот на молњата и гигантскиот црвен виленик којшто се шири угоре низ атмосферата. Сликите од вселената овозможуваат јасен, сеопфатен поглед на феномените што инаку тешко се набљудуваат од површината на Земјата.

Освен црвените виленици како минливи светлосни настани или TLE се вклучуваат и сините млазови, кои се развиваат како сини изблици нагоре, и ELVES, светли прстени што се шират како концентрични бранови. Сите овие настани се случуваат при силна електрична активност во олујните облаци, какви што се оние поврзани со ураганите.

Иако феноменот на црвени виленици се изучува повеќе од 30 години, откако првпат биле забележани во 1950-тите, науката сè уште во целост не може да објасни зошто само одредени молњи можат да генерираат вакви светлосни настани.

Дали црвени виленици се јавуваат и на други планети? – Според неодамнешните набљудувања, слични феномени се откриени и на Јупитер, Сатурн, а можеби и на Венера. Ова укажува дека минливите светлосни настани (TLE) не се карактеристика што се јавува само на Земјата, туку тие претставуваат дел од универзална електрична динамика на планетите што имаат атмосфера.

Клучни зборови: