Рубрика: Географија
Достигнат годинешниот максимум на нивото на Преспанско Езеро
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 24.06.2025 - 13:15

Глетка на Преспанското Езеро од падините на планината Баба над селото Сливница

...отсега започнува спуштањето.

Минатата година беше лоша за Преспанско Езеро, ама оваа е катастрофална. Во изминатите неколку години барем преку зимата и во пролетта (во влажната сезона) нивото на езерото се кревало за околу 40 cm, но минатата пролет се крена нецели 30 cm, а оваа пролет – одвај 16 cm.

Од друга страна, ако порано нивото се спуштало за околу 55 cm во сувата сезона, лани се спушти за дури 75 cm. Големи се шансите во оваа сува сезона, од јуни до декември, нивото повторно да се спушти за 75 cm, така што прогнозата за декемврискиот минимум ја спуштаме кон кота -695 cm, односно нов историски минимум откако се вршат мерења од 1917 година.
Во континуитет подвижната разлика на нивоата за период од 365 дена изнесува повеќе од 50 cm, а понекогаш дури и до 56 cm. Тоа одговара на неповратна годишна загуба на вода од 125 милиони кубни метри вода.

Ова не се случува прв пат. Од 1985 до 1995 година, цели 10 години годишното намалување на нивото изнесувало просечно 50 cm, па во тие години нивото на езерото се намалило за неверојатни 5 m!
Доколку повторно настапила таква стрма надолна фаза, што е сосема веројатно заради глобалното загревање, намалените врнежи и зголеменото испарување, за неколку години од   езерото може да изгуби и до половина од ова мало количество вода што преостанало. Моментално просечната длабочина изнесува околу 12,5 m, додека во поголемиот дел од езерото длабочината изнесува одвај од 9 до 10 m.
Се чини дека загубата на вода добива дополнително забрзување во последниве две години и при ваква голема загуба малку може да се стори.

Клучни зборови:
Глетка на Преспанското Езеро од падините на планината Баба над селото Сливница

Глетка на Преспанското Езеро од падините на планината Баба над селото Сливница Фото: Википедија/Македонец, CC BY-SA 3.0

Панорама на Преспа

Панорама на Преспа (фото: Миле Пашевски, извор Flick/Википедија, лиценца CC2.0)