Солар Орбитер е првото летало што ги сликаше половите на Сонцето од перспектива поинаква од онаа на орбиталната рамнина на планетите, помагајќи ни да го разбереме магнетното поле на Сонцето.
Благодарение на неговата новопоставена орбита, наклонета во однос на еклиптичната рамнина (имагинарната рамнина во која Земјата и повеќето планети орбитираат околу Сонцето), Солар Орбитер, предводен од Европската вселенска агенција (ЕСА) и во соработка со НАСА, е првата мисија што ги сликаше половите на Сонцето од перспектива надвор од орбиталната рамнина на планетите. Овој уникатен нов агол на набљудување ќе ни помогне подобро да го разбереме магнетното поле на Сонцето, единаесетгодишниот циклус на сончева активност и вселенското време.
Овој колаж од фотографии го дава погледот кон јужниот пол на Сонцето снимен од Солар Орбитер во периодот помеѓу 16 и 17 март 2025 година, при агол на набљудување од околу 15° под сончевиот екватор. Извор: ЕСА
Досега, сите слики од Сонцето се добиени од сонди лоцирани повеќе или помалку во истата орбитална рамнина како Земјата. Солар Орбитер постепено ја “навалуваше” својата орбита, така што на на 23 март 2025 година тој можеше да го набљудува Сонцето од агол на 17° под сончевиот екватор, што овозможи прво директно набљудување на јужниот пол на Сонцето. Но, ова е само почеток. Во наредните години, аголот ќе се зголемува дополнително, нудејќи уште поцелосни и подетални погледи.
„Денес ги претставуваме првите слики направени директно над сончевиот пол што ги виделе луѓето“, вели професорката Керол Мандел, научен директор на ESA. „Сонцето е нашата најблиска ѕвезда, извор на живот, но и потенцијална опасност за вселенските и терестријални технологии. Разбирањето како тоа функционира е од суштинско значење за да се предвиди неговото однесување. Овие слики го означуваат почетокот на нова ера во соларната наука.“
Колажот објавен од ESA го прикажува јужниот пол на Сонцето снимен во периодот помеѓу 16 и 17 март 2025 година, кога вселенското летало сè уште било на 15° под сончевиот екватор, за време на својата прва кампања за набљудување од висок агол.
Овој колаж од слики го дава поглед врз јужниот пол на Сонцето. Сликите се направени со Солар Орбитер во текот на 16 и на 17 март оваа година, при агол на набљудување од околу 15° под сончевиот екватор. Ова е првата кампања за набљудување со висок агол на мисијата, спроведена неколку дена пред да се достигне сегашниот максимален агол од 17°. Досега, ниту едно вселенско летало (или телескоп од Земјата) не успеале јасно да ги набљудуваат половите на Сонцето, бидејќи ниту едно од нив никогаш не поминало географска ширина поголема од 7° над сончевиот екватор. За волја на вистината Мисијата Улис на ESA/NASA (1990-2009) прелета покрај половите на Сонцето, но не носеше инструменти за снимање. Извор: ЕСА/НАСА
Сликите се добиени со помош на три клучни инструменти на вселенското летало – полариметрискиот и хелиосеизмичкиот снимач PHI (Polarimetric and Helioseismic Imager) кој снима слики во опсегот на видлива светлина и го мапира површинското магнетно поле на Сонцето, уредот за сниумање во опсегот на екстремното ултравиолетово подрачје EUI (Extreme Ultraviolet Imager) кој ја ‘фаќа’ ултравиолетовата светлина од короната, надворешната атмосфера на Сонцето, откривајќи гас на милиони степени и уредот за спектрално снимање на короналната средина SPICE (Spectral Imaging of the Coronal Environment) кој користи УВ спектроскопија за да ги набљудува различните слоеви на атмосферата на Сонцето, мерејќи го присуството и движењето на елементи како што се водород, јаглерод, кислород, неон и магнезиум.
„Не знаевме што да очекуваме од овие први набљудувања: половите на Сонцето се непознати“, коментира професорот Сами Соланки, раководител на инструментот PHI во Институтот Макс Планк за истражување на Сончевиот систем, во Германија.
Секој инструмент дава вид во различен дел од сложената сончева активност. Комбинираните слики откриваат движења на плазмата, магнетни интеракции и претходно невидени атмосферски структури, вклучувајќи и можни поларни вртлози слични на оние забележани на Венера и Сатурн.
Едно од првите значајни откритија е дека магнетното поле на јужниот пол е особено нарушено. За разлика од класичниот магнет со добро дефиниран север и југ, мерењата на PHI покажуваат коегзистенција на спротивни поларитети во поларниот регион. Овој феномен се јавува кратко за време на сончевиот максимум, најактивната фаза од 11-годишниот циклус на Сонцето, кога неговото магнетно поле се менува. Во текот на следните 5 до 6 години, Сонцето ќе премине во сончев минимум, кога активноста е помала и магнетното поле се реорганизира на поуреден начин.
„Сè уште не е јасно како се случува уредното акумулирање на поларитети на половите“, забележува Соланки. „Солар Орбитер е идеално позициониран за да ја следи оваа еволуција со текот на времето.“
Една од најзначајните иновации е употребата на инструментот SPICE за Доплер мерења, кои овозможуваат да се одреди брзината на плазмата во различните слоеви на сончевата атмосфера, благодарение на поместувањето на спектралните линии на хемиските елементи. Попрецизно, добиена е мапа на брзината на плазмата во преодниот регион, слој каде што температурата брзо се зголемува од 10 000 °C до стотици илјади степени. Темноцрвените и сините области на Доплеровата мапа укажуваат на брзо движечки млазови плазма, означувајќи ги областите од кои би можел да потекнува сончевиот ветер.
„Претходните Доплерови мерења беа ограничени од погледот на половите“, објасни Фредерик Ошер, водач на тимот SPICE од Универзитетот Париз-Сакле. „Сега, благодарение на набљудувањата на Solar Orbiter направени од висока географска ширина, конечно можеме да видиме како сончевиот ветер се обликува на половите. Ова е револуција во физиката што го проучува Сонцето.“
Но, овие набљудувања се само почеток. Целосниот пакет со податоци од првиот лет на Солар Орбитер направен од пол до пол се очекува да пристигне на Земјата најдоцна до октомври оваа, 2025 година. Десетте научни инструменти на вселенското летало ќе продолжат да собираат невидени податоци во наредните години, добиени од сè повисоки и повисоки географски широчини. Се очекува овие податоци радикално да го трансформираат нашето разбирање за сончевото магнетно поле, сончевиот ветер и циклусот на активност на нашата ѕвезда.
Овој колаж од фотографии го дава погледот кон јужниот пол на Сонцето снимен од Солар Орбитер во периодот помеѓу 16 и 17 март 2025 година, при агол на набљудување од околу 15° под сончевиот екватор. Извор: ЕСА
Овој колаж од слики го дава поглед врз јужниот пол на Сонцето. Сликите се направени со Солар Орбитер во текот на 16 и на 17 март оваа година, при агол на набљудување од околу 15° под сончевиот екватор. Ова е првата кампања за набљудување со висок агол на мисијата, спроведена неколку дена пред да се достигне сегашниот максимален агол од 17°. Досега, ниту едно вселенско летало (или телескоп од Земјата) не успеале јасно да ги набљудуваат половите на Сонцето, бидејќи ниту едно од нив никогаш не поминало географска ширина поголема од 7° над сончевиот екватор. За волја на вистината Мисијата Улис на ESA/NASA (1990-2009) прелета покрај половите на Сонцето, но не носеше инструменти за снимање. ©