Асфалтот брзо се загрева во лето, што предизвикува големи топлински зони или покачени температури, особено во урбаните средини. Градот Виена тестира нови опции за асфалтно поплочување, или материјали, како дел од пилот-проект. Патишта направени од четири нови асфалтни мешавини се поставени во областа околу потокот Лисинг.
Асфалтот е обично неизбежен поради неговата цврста површина, на пример, за велосипедски патеки или тротоари. Сепак, асфалтот не само што брзо се загрева, туку и не пропушта вода, што не е еколошки. Па, затоа во Виена побарале „зелени“ алтернативи.
Бојата, видот на материјалот и слојот од врзивно средство се фактори што можат да влијаат на тоа колку асфалтот се загрева на сонце. Тестирањето во Виена се спроведува на велосипедска патека во близина на Лисингбах.
„Долго време бараме иновативна површина која е пријатна за возење велосипед а на која истовремено луѓето можат да се движат со колички или инвалидски колички. Ни треба површина што е стабилна и во исто време и еколошка бидејќи пропушта вода“, вели Ули Сима, член на градскиот совет за урбанистичко планирање.
Во соработка со Виенскиот технички универзитет, развиени биле четири различни мешавини од нови видови асфалт – еден класичен асфалт и три таканаречени „Ладни тротоари“, коишто се разликуваат по видот на каменот, бојата и слоевите со врзивно средство.
На една делница од велосипедската патека во близина на Лисингбах, долга 80 метри, асфалтните мешавини биле поставени една до друга.
Таму, сензорите за температура и влажност ќе собираат податоци за тоа како различните слоеви влијаат врз развојот на температурата во околното подрачје.
„Идеално, овој нов водопропустлив асфалт би можел да се користи особено во централните градски области“, вели Волфганг Аблингер од Секретаријатот за управување и изградба на патишта.
Истражувачкиот проект ќе трае во следните три години. Асфалтот што ќе се покаже како најдобар за време на тестовите, во иднина ќе се користи и надвор од областа Лисингбах.