Токму кога помисливте дека работите не можат да бидат послични на Black Mirror, подемот на вештачката интелигенција е тука за да ви покаже дека сепак може. Но, ова не е научна фантастика. Сем Алтман, кој раководи со компанијата OpenAI која стои зад ChatGPT, неодамна им соопшти на своите вработени дека е во тек развој на нов уред со вештачка интелигенција кој има потенцијал да го револуционизира начинот на којшто обичниот корисник ја користи ВИ.
Алтман соработува со дизајнерот на Apple, Џони Ив, за создадавање на нов уред за кој двајцата се надеваат дека ќе стане производ од “трето јадро“, нешто што би се би донело нов бран технолошки новини како што тоа го направија своевремено iPhone и MacBook веднаш по нивното прво претставување. Алтман, исто така, им наложил на вработените да испорачаат 100 милиони уреди – придружници со вештачка интелигенција, што ќе го следат секој потег на корисниците.
Иако начинот на којшто самиот уред ќе функционира засега е опкружен со многу мистерија, минатиот месец (на 21 мај) Алтман им овозможил на своите вработени прв увид во него. Она што засега е познато е дека уредот ќе биде со џебна големина, ќе нема екран, а ќе поседува контекстуална свест. Сè уште не е јасно што ќе вклучува свеста на уредот и дали тоа вклучува снимки или не. Она што се знае е дека производот нема да биде очила за сонце.
Според пишувањата на Wall Street Journal, планот на Алтман и Ив е да се обидат да ги одвикнат луѓето од екраните. Во снимката протечена од внатрешен повик на персоналот, Алтман ги споделува своите планови за „семејство уреди“ кои се очекува да бидат создадени во соработка со Ив.
Сево ова се случува откако OpenAI ја објави својата намера да ја купи стартап компанијата на дизајнерот на Apple, наречена io, за 6,5 милијарди долари. Според Алтман купувањето би можело да го поттикне OpenAI да стане фирма вредна 1 трилион долари.
Кога уредот ќе биде достапен за купување? Се очекува уредот да биде претставен до крајот на 2026 година, но сите други информации околу него сè уште се непознати. Ова се должи на загриженоста дека конкурентите евентуално ќе го копираат производот пред тој воопшто да се појави на полиците во продавниците.
Минатата година, во профилот на Ив за „Њујорк тајмс“, беше објавено дека „генеративната вештачка интелигенција овозможила создавање нов компјутерски уред бидејќи технологијата може да направи повеќе за корисниците отколку традиционалниот софтвер“.
Се чини дека Алтман има големи надежи за уредот, велејќи дека ќе се испорачува „побрзо отколку што која било компанија досега испорачала 100 милиони нови примероци“.