Се шушка дека технолошкиот гигант Амазон развива софтвер за хуманоидни роботи и гради во САД т.н. “хуманоиден парк” во кој ќе тестира хуманоидни машини кои би можеле да излезат од комбињата за да ги доставуваат нарачките од нивната е-продавница.
Веста дека технолошката компанија на Безос, вредна 2 трилиони долари го гради хуманоидниот парк за тестирање роботи, првично ја објави веб-страницата за технолошки вести The Information, цитирајќи лице запознаено со проектот. The Information наведува дека роботите на крајот би можеле да ги преземат задачите за достава. Софтверот базиран на вештачка интелигенција за роботите би го развил сопствениот тим на Amazon, но би се користел и хардвер развиен од други компании.
Затворената патека со пречки што се користи за тестирање во седиштето на Amazon во Сан Франциско е со големина на кафетерија, се вели во извештајот, а компанијата се надева дека роботите ќе можат да возат и да вршат испораки од комбињата Rivian на Amazon.
Дури и со човек зад воланот, роботот теоретски би можел да го забрза времето на испорака со тоа што тој ќе оди на една адреса, додека човекот ќе доставува пакет на друга локација.
Amazon е заинтересиран и за развојот на автономни возила преку својата подружница Zoox. Тие веќе поседуваат повеќе од 20 000 комбиња од типот Ривиан, а едно такво возило е во зоната за тестирање на хуманоиди, се вели во извештајот.
По тестирањето на роботите во хуманоидниот парк, планот е да се оди на “теренски патувања” при коишто ќе се вршат обиди за достава на пакети до домашни адреси во реалниот свет.
Компанијата веќе спроведе испитувања на хуманоидни роботи во своите магацини, користејќи уреди развиени од американската компанија Agility Robotics. Извршната директорка на Agility, Пеги Џонсон, минатата година изјави за Гардијан дека нивниот робот Дигит им овозможува на вработените да ја предадат работата на хуманоидите и да станат “менаџери на роботи”.
Минатата година, Амазон доби и дозвола да тестира беспилотни летала надвор од видното поле на човечки контролер во Велика Британија, отворајќи го патот за користење на технологијата во испораките до дома.
Поедноставната, поуниформна средина им го олеснува работењето на хуманоидните доставувачи
Професорот Субраманијан Рамамурти, раководител на Одделот за роботика и автономни уреди и возила на Универзитетот во Единбург, рече дека Амазон има добро воспоставен тим за роботика и дека нивниот наводен фокус на последните фази од испораката не е изненадување.
„Хардверот за хуманоидните роботи станува достапен и полето брзо се развива“, вели Рамамурти, додавајќи дека предизвикот е да се постигнат сигурни перформанси надвор од контролирани средини како што е таканаречениот “хуманоиден парк”.
Доколку Амазон се ограничи на релативно чисти патеки и стандардни распореди на врати и околина, задачата за роботите би била многу полесна.
„Како што средините стануваат посложени и променливи, и со вклучувањето на други фактори во игра – од типот на домашни миленици и мали деца – проблемите стануваат потешки“, заклучува професорот Рамамурти.
Од Амазон засега нема никакви коментари на оваа тема.