Рубрика: Телекомуникации
Во Сјонг'ан, Кина, веќе пристигна 10G мрежа
Објавено на 05.06.2025 - 01:00

Додека ние се убедуваме за корисноста и ‘штетноста’ на 5G, во Сјонг'ан, Кина, 10G мрежата веќе пристигна. Еве што подразбира оваа дигитална револуција (освен преземање филм за неколку секунди)...

Додека повеќето земји во светот сè уште се борат да ја донесат 5G мрежата во секој агол од нивната територија, во Кина „удвојувањето“ е веќе реалност. Имено, во футуристичкиот град Сјонг'ан, првата широкопојасна 10G мрежа на планетата беше активирана на почетокот од месец мај. Проектот е резултат на соработката помеѓу China Unicom и Huawei а се заснова врз таканаречената 50G-PON технологија, способна да гарантира брзина како преземање филмови за неколку секунди или стриминг на игри без најмало одложување. Истовремено, мрежата ќе им овозможи на напредните системи за вештачка интелигенција, како што се лингвистичките модели од новата генерација, да работат во реално време овозможувајќи широка интеграција на вештачката интелигенција во секојдневниот живот.

Се работи за технолошки скок дизајниран за метропола која има за цел да стане симбол на Кина на иднината, и од урбана и од дигитална гледна точка.

10G мрежата не е дизајнирана само да даде поттик на забавата или на паметното работење, туку и да го трансформира целото урбано ткиво во голем хипер-поврзан екосистем. Благодарение на многу широкиот пропусен опсег и речиси нултата латентност, апликациите што денес сè уште изгледаат како научна фантастика ќе станат возможни – автомобили што се водат самостојно, способни да комуницираат едни со други во реално време; гледачи на виртуелна реалност (и подобрена/зголемена реалност) што можат да се користат на јавни простори без одложувања; далечински медицински дијагнози (и операции) со моментална анализа; интелигентно управување со енергијата и сообраќајот.

Дигиталната инфраструктура ќе биде вистинскиот „мозок“ на градот, способен да анализира и реагира на податоци собрани во секое време и ќе биде огромна тест-платформа за употреба на мрежи во други урбани средини. Со други зборови: она што функционира тука, наскоро би можело да пристигне на друго место.

Сионг'ан е основан во 2017 година од страна на кинеската влада, која го замислила како најсовремен хај-тек центар дизајниран да биде домаќин на филијали на администрацијата во Пекинг и иновативни компании. Изграден е со зелени архитектонски критериуми, мала густина и со јавни простори дизајнирани за социјалност и одржливост.

Еден од клучните аспекти е таканаречениот „15-минутен животен круг“ – секој граѓанин мора да има сè што му е потребно за живот на пешачко растојание, од учење до здравствена заштита, од забава до бирократија. До денес, веќе се создадени над 200 локални центри за услуги, вклучувајќи библиотеки, клиники, паркови, училишта и повеќенаменски простории. Дронови и сензори ја следат животната средина, а транспортот е дизајниран да ја минимизира употребата на автомобили. Визија на половина пат помеѓу град на иднината и идеално село.

Звучи прекрасно? Па, можеби и не е толку многу. И покрај високата технологија и инвестициите од милијарди долари (се зборува за повеќе од 100 милијарди долари), Сионг'ан сè уште не успева вистински да ги привлече идните жители. Некои го нарекуваат „град на духови“, каде навидум сè е совршено, но она што недостасува е вистинскиот живот.

Според аналитичарите на „Блумберг“, интересот на приватниот сектор е недоволен, поради што многу инфраструктури остануваат недоволно искористени. Сепак, според официјалните кинески извори, градот расте и станува сè пожив од ден на ден, благодарение на вечерните училишта, спортските активности, курсевите за занаетчиство, коворкинг просторите и програмите за инклузија за млади и стари.

Владата се надева дека, благодарение на 10G мрежата и потенцијалот што го нуди, Сионг'ан може да стане не само урбан модел, туку и центар на привлечност за технолошки стартапи, истражувачи и семејства кои бараат нов начин на живот. Ако успее во тоа, овој футуристички проект што веќе е во тек би можел да го редефинира самиот концепт на град.

Клучни зборови: