Рубрика: Информатика
Студенти од ФЕИТ ја освоија главната награда на ICAMES 2025
Објавено на 19.05.2025 - 13:15

Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја освоија главната награда за најдобар проект на 29-тото издание на ICAMES (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students) – меѓународна културна и академска средба на студенти по технички науки, организирана од Друштвото на инженери при Универзитетот Боазиџи во Истанбул, Турција, во периодот од 5 до 11 мај 2025.

Студентите Марко Доневски, Елена Тодорова и Маја Наумоска се претставија со проектот “AI-Driven Smart Rehabilitation for Lateral Ligament Knee Injuries” – иновативно решение за рехабилитација по повреди на латералните лигаменти на коленото, користејќи сензори и вештачка интелигенција за персонализиран пристап во домашни услови. Системот овозможува следење на движењата во реално време, адаптација на вежбите според напредокот на пациентот и далечинско следење од здравствени професионалци преку мобилна апликација и веб-платформа.

Овој пристап има потенцијал значително да го подобри квалитетот и пристапноста на процесот на рехабилитација.

Проектот на тимот од ФЕИТ се издвои со својата практична примена, интеграцијата на технологијата со здравствени решенија и иновативниот пристап, што придонесе да биде прогласен за најдобар проект на натпреварот.

ICAMES e натпревар на инженерски проекти, каде учествуваат додипломски студенти од различни инженерски дисциплини од целиот свет. На натпреварот учествуваа студентски тимови од Италија, Украина, Кипар, Канада, Јордан, Босна и Херцеговина, Романија, Австрија, Грузија и Северна Македонија. Тимот од ФЕИТ работеше под менторство на асс. м-р Александар Крлески и ја доби поддршка од деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.

Овој успех претставува уште една потврда дека ФЕИТ создава висококвалитетни и амбициозни инженери, подготвени за предизвици и истакнување на глобално ниво.

Честитки до тимот, со желби за многу нови успеси!

 

Преземено ФЕИТ

Клучни зборови: