Рубрика: Астрономија и астронаутика
Советската сонда Космос 482, која ја „промаши“ Венера во 1972 година, ќе падне на Земјата
Објавено на 06.05.2025 - 14:30

Сондата Космос 482, чијашто цел беше истражување на Венера, веднаш по лансирањето во 1972 година претрпе отказ и остана заробена во орбитата околу Земјата. По повеќе од половина век поминат во орбитата сега лендерот паѓа по непредвидлива траекторија и се предвидува дека на Земјата ќе падне во периодот од 9 до 12 мај 2025 година, со најголема веројатност падот да биде на 10-11 мај. Така овој заборавен фрагмент од вселенската трка сега повторно се најде во фокусот на научниците и набљудувачите на сателити.

Космос 482 беше лансиран во 1972 година како дел од мисијата на програмата Венера, чијашто цел беше истражување на планетата Венера. Но, поради дефект на горната фаза од ракетата-носач, сондата не продолжи по меѓупланетарната траекторија и остана заробена во високо елиптична орбита околу Земјата. Модулот за спуштање на советската сонда Космос 482 (каталогизирана како 1972-023E, бр. 6073) во вид на полусферна титаниумска капсула дизајнирана да ја преживее пеколната атмосфера на Венера, преживеал до ден денес. Според историските документи од кои е симнат превезот на тајност, кои по неуспехот на мисијата ги објавил специјалистот Анатолиј Зак, модулот за спуштање бил намерно одвоен од главниот бустер од страна на советските оператори во јуни 1972 година.

Со маса од приближно 480 до 495 килограми и пречник од околу 1 метар, модулот е затворен во цврста титаниумска обвивка, слична на полуглобуларна „метална кофа“, теоретски способна да го издржи падот низ атмосферата проследен со триење и загревање, независно што тоа нема да биде првично планираната атмосфера на Венера. А токму ова може да биде и предност.

„Бидејќи ова е лендер дизајниран да го преживее падот низ атмосферата на Венера, можно е да го преживее повторното влегување низ атмосферата на Земјата и последователниот удар во тлото недопрен“, вели Лангброк, истражувач од мрежата SatTrackCam во Лајден, Холандија.

Сепак, научникот наведува дека „постојат некои фактори што го чинат процесот на повторно влегување исполнет со непознати, како што се долгата траекторија на повторното влегување и староста на објектот“. Користејќи го софтверот со отворен код TUDAT (TU Delft Astrodynamics Toolbox), Лангброк и неговиот колега Доминик Диркс од Технолошкиот универзитет во Делфт развиле детален модел на влезот на сондата во земјината атмосфера. Според симулациите ажурирани на почетокот од овој месец, ударот – под претпоставка дека капсулата нема да се распадне или да доживее значителна аблација – би можел да се случи со брзина од околу 65-70 метри во секунда (односно околу 240 км/ч). Сепак, ризиците за жителите на планетата Земја се сметаат за умерени, слични на оние што произлегуваат од падот на мал метеорит.

Во моментов објектот се движи по орбита со наклон од 51,95 ̊во однос на екваторот, што овозможува повторно влегување насекаде помеѓу 52° северна и 52° јужна географска ширина. На 3 мај, тој беше во орбита од 314 x 148 км, при што апогејот (најоддалечената точка од Земјата) брзо се намалуваше, просечно помеѓу 12 до 15 километри на ден, а перигејот (најблиската точка до Земјата) се намалуваше за околу 1 до 2 километри на ден. Притоа како што објектот ја губи височината, неговото спуштање се забрзуваше.

Тековната прогноза го сместува повторното влегување на Космос 482 во земјината атмосфера некаде помеѓу крајот на 10 мај и раните часови на 11 мај (UTC), но со неизвесност од ±2 дена. Флуктуациите во неодамнешните ажурирања се припишуваат на потценување на сончевата активност, што влијае на густината на атмосферата, а со тоа и на стапката на орбитално распаѓање. По привремениот тренд кон 11 мај, моделите сега се чини дека повторно се спојуваат на 10 мај како најверојатен датум.

Подновено на 9 мај во 19 часот: Најновото предвидување од Канцеларијата за вселенски отпад на ESA е дека влегувањето на леталото во атмостферата и негово рушење ќе се случи на 10 мај 2025 година во 06:26 UTC, односно во 08:26 според централното европско време (CEST). Неизвесноста во ова предвидување сега е +/- 4,35 часа. Падот ќе се случи помеѓу 52° северна и 52° јужна географска ширина, а во таа зона влегува речиси цела Европа и Азија, дел од Канада, цел САД, Мексико, цела Јужна Америка, Африка и Австралија.   

Во меѓувреме, сателитскиот тракер Ралф Вандеберг успеа да направи серија слики од капсулата во Земјината орбита. Некои снимки се чини дека покажуваат издолжена структура на едната страна од капсулата, за која самиот Вандеберг претпоставува дека е можно да се работи за испакнат падобран.

„Не е невозможно објектот да се ‘тумба’, па затоа падобранот понекогаш би можел да биде видлив“, забележува експертот. Сепак, Лангброк вели: „Длабоко се сомневам дека дотичните слики покажуваат некои значајни детали. Верувам дека „деталите“ се последица од движењето на камерата или атмосферската аберација“, исто така осврнувајќи се на претходните слики анализирани во 2022 година.

Повеќе од педесет години по неговото лансирање, неконтролираното повторно влегување на Космос 482 претставува редок случај на „вселенска археологија во движење“, фасцинирајќи ги и научниците и ентузијастите за историја на вселенските истражувања. Сè уште има многу непознатици – од конечната траекторија до можниот удар – но едно е сигурно: советскиот лендер, создаден да го допре тлото на Венера, ќе го заврши своето патување на Земјата.

Клучни зборови: