Рубрика: Енергетика
Базенски резервоари за реверзибилна хидроцентрала на Козјак
Автор: Дениз Мустафаоглу
Објавено на 29.04.2025 - 23:00

Според предлогот на професорот Дејан Трајковски за Реверзибилна ХЕ „Козјак 2“ наместо ПАХЕ „Чебрен“, креирав две анимации на Google Earth за вештачки реверзибилни електрани.

На првата анимација е преставен базенски тип на резервоар на надморска височина од 1611 метри, северозападно од езерото Козјак (обележан со светлосина боја). Оваа површина би претставувала природно езеро, без потреба од изградба на брани или какви било градежни интервенции.

Растојанието од езерото Козјак до предложениот базен изнесува 5770 метри (означено со црвена линија). Разликата во надморската височина помеѓу езерото Козјак (450 м) и предложената локација на базенот изнесува 1161 метар до највисоката точка (1611 м) и 1129 метри до најниската точка (1579 м).

Базенот има периметар од 4278 метри и површина од 701 163 квадратни метри. Под претпоставка дека просечната длабочина изнесува 20,5 метри (околу 50% од максималната длабочина од 41 метар), базенот би можел да собере приближно 14 373 841 кубни метри вода.

Доколку овој базен се користи како горен резервоар во реверзибилна хидроцентрала, би можел да складира приближно 46 GWh електрична енергија, што би овозможило континуирано снабдување со енергија во траење од 18 часа.

Целата формација се заснова на природната геометрија на теренот и не би била потребна никаква изградба на брана. Ако пак се постават брани од 8 метри височина согласно предлогот на професорот Трајковски, ќе се добијат складирани 50 GWh.

На втората анимација на Google Earth е преставен втор, двојно поголем од претходниот базенски тип на резервоар на надморска височина од 1412 метри, западно од езерото Козјак, кој би се создал како природно езеро, без потреба од изградба на брани или какви било градежни интервенции.

Растојанието од езерото Козјак до предложениот базен изнесува 3200 метри (означено со црвена линија). Разликата во надморската височина помеѓу езерото Козјак (450 м) и предложената локација на базенот изнесува 962 метри до највисоката точка (1412 м) и 901 метар до најниската точка (1351 м). Базенот има периметар од 5778 метри и површина од 1 489 980 квадратни метри.

Под претпоставка дека просечната длабочина изнесува 30,5 метри (околу 50% од максималната длабочина од 61 метар), базенот би можел да собере приближно 45 434 390 кубни метри вода.

Доколку овој базен се користи како горен резервоар во реверзибилна хидроцентрала, би можел да складира приближно 90 GWh електрична енергија.

Целата формација се заснова на природната геометрија на теренот и не би била потребна никаква изградба на брана.

Клучни зборови: