На 14 и 15 април на Факултетот за електротехника и информациски технологии се одржa дводневна едукативна работилница на тема ‘Вградливи микропрокомпјутерски системи’. Настанот е дел од проектот ‘Технологија за тебе’, реализиран од ФЕИТ ФАБЛАБ и Логинг Електроникс, при што активностите во ФЕИТ ФАБЛАБ ги спроведуваат Институтот за електроника, Институтот за телекомуникации, Институтот за автоматика и системско инженерство и Институтот за компјутерски технологии и инженерство при ФЕИТ.
Во рамките на работилницата се одржаа голем број активности: натпревар за учениците од 11 средни стручни училишта, презентации на најдобрите ученички проекти со дониранта опрема, стручни обуки и популарни предавања. За прв пат во проектот се вклучи и Европскиот дигитален иновациски хаб ИНОФЕИТ ЕДИХ преку кој се организираше стручнaта обукa за средношколските професори. Тема на обуката беше во полето на аквизиција на податоци со помош на виртуелни системи, интеграција на податоците во телеметриска платформа во облак и други напредни технологии. Со овие активности, настанот го нагласува значењето на развивањето на дигитални вештини и постојано надградување на знаењата и кај наставниот кадар.
Работна атмосфера на натпреварот во лабораторијата за производство ФЕИТ ФАБЛАБ
Програмата вклучуваше и специјализирана практично-показна работилница на тема ‘Развојни микропроцесорски системи’, која се одржа по шести пат, Работилницата има за цел да ги поврзе младите со најновите светски технологии, преку практична работа со платформи како Arduino, Raspberry Pi, Mikroelektronika, а специјален гостин на настанот беше компанијата Микроелектроника, која ги претстави најновите решенија во областа на микропроцесорските системи, меѓу кои и системот за далечинско програмирање и контрола – Planet Debug.
Натпреварот за учениците од средните стручни училишта се одржа во лабораторијата за производство ФЕИТ-ФАБЛАБ со помош на кадарот од Институтите за електроника, телекомуникации, автоматика и системско инжинерство, компјутерски технологии и инженерство и компанијата Логинг Електроникс. Задачата на натпреварот се однесуваше на имплементација на систем за декодирање на порака од звучен Морзеов код во реално време и печатење на пораката на дигитален дисплеј со користење на Ардуино микрокомпјутер.
Презентацијата на учениците од СОТУ Ѓорѓи Наумов од Битола со која тие го освоија првото место
Учениците исклучително успешно се справија со задачата на натпреварот. Притоа првото место го освоија учениците од СОТУ ‘Ѓорѓи Наумов’ од Битола – Ристијан Ристески и Димитар Србиновски,, второто место им припадна на Миа Андреева и Бојан Јованов од училиштето СОУ ‘Гошо Викентиев’ од Кочани, додека третото место го освоија Катерина Пенева и Мелани Трајкова од училиштето ССОУ ‘Коле Неделковски’ од Велес.
За освоеното прво место покрај дипломата учениците беа наградени со стипендија на ФЕИТ и платена пракса во Логинг Електроника
За својата извонредна презентација, техничко знаење и иновативен пристап, најдобрите беа наградени со шест стипендии за студирање на ФЕИТ на студиската програма Компјутерско хардверско инженерство и електроника и една стипендија за студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство. Исто така, победниците добија вредни награди од компанијата Логинг Електроникс и од компанијата Микроелектроника од Србија која учествуваше со предавање за иновативно технолошко едукативно решение од областа на програмабилните системи во делот за практичната настава.
Групна фотографија на организаторите со наградените ученици
Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, е горд на иницијативите кои факултетот ги спроведува, нагласувајќи дека сите активности се насочени кон подобрување на условите за студирање, истакнувајќи дека преку овие проекти, учениците, студентите и професорите имаат можност да се стекнат со квалитетни знаења и практични искуства кои ќе ги подготват за идните предизвици.
“Сите наши иницијативи се во насока на подобрување на едукативниот процес во полето на електротехниката, во смисла на понуда на натпревари за средношколци, подобри лабораториски услови за нашите студенти, обуки за професорите преку ИНОФЕИТ ЕДИХ и различни други иницијативи. Се обидуваме да се наметнеме што е можно повеќе во нашиот образовен систем како институција која постојано вложува во нејзината основна дејност“, рече проф. д-р Атанасовски.
Директорот на Логинг Електроникс, Златко Крстевски се осврна на осумгодишната партнерска соработка на овој проект ТЗТ и ја истакна важноста на практичната обука за учениците и професорите. Тој соопшти дека и оваа година имаме обезбедена платена пракса за сите ученици од настанов и стипендии за најдобрите од најдобрите учесници, а за првпат се организираат и практични обуки за професорите кои ќе следат во следните 4-години.
„Она што го гледаме како резултат од овој проект во изминативе години е дека сите ученици што се дел од овој проект се фантастични со знаење, технологијата одлично ја практикуваат, најдобри се. За првпат оваа година директни придобивки имаат и професорите, бидејќи во рамки на работилницата академскиот кадар на ФЕИТ спроведе практична обука за нив на најактуелните теми од електротехниката и информациските технологии“, рече Крстевски.
Организаторите и учесниците на Технологија за тебе 2025
Работилницата претставува одличен пример за синергија помеѓу академијата, индустријата и образовните институции, насочена кон креирање на генерации млади техничари и инженери подготвени за предизвиците на модерното дигитално општество.
Извор ФЕИТ