Деновиве, излезе од печат книгата „Герила портабл – радиоаматерски активности на отворено“ од авторот Владимир Ковачески - Z35M, во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“ од Скопје. Станува збор за една од ретките книги од македонски автор посветена на радиоаматерството, воопшто.
Најчеста претстава за радиоаматерството е одржувањето радиоврски со радиоаматери од целиот свет, што сѐ почесто се реализира надвор од домовите и радиоклубовите заради чувство на авантура и доживување на радиоаматерските активности од поинаква перспектива.
Искуствата од радиоаматерските портабли ги усовршуваат операторските способности и техничките вештини за поставување радиостаници во импровизирани услови, што е значајно при поставувањето на базните радиостаници и воспоставувањето радиокомуникации во вонредни ситуации.
Книгата е наменета за радиоаматери и во неа претставено е искуството на авторот од реализирани 1200 радиоаматерски портабли на кратки бранови во периодот од 2009 до 2025 година, и во којашто промовира ултралесен, динамичен и технички едноставен стил којшто го нарекува Герила Портабл, каде што во преден план е имагинацијата за практично користење на радиоопремата на речиси секое место и при секакви услови, притоа уривајќи многубројни стереотипи.
Владимир Ковачески – Z35M со радиоаматерство се бави четири децении и од 1996 година редовно објавува радиоаматерски написи во „Емитер“ од коишто наскоро ќе биде издадена книгата „Радиоаматерство“.