Рубрика: Роботика
Адријано – првиот роботски државен службеник во Рим
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 28.03.2025 - 21:45

Стопанската комора на Рим го претстави Адријано, првиот робот работник во италијанската јавна администрација, подготвен да ги пречека граѓаните и туристите, обезбедувајќи им информации на италијански и англиски јазик за историјата на Рим и Стопанската комора на главниот град. Опремен со вештачка интелигенција и иновативна технологија, Адријано стана оперативен на 24 март 2025 година.

Роботот е именуван по еден од најпознатите римски императори – Адријан, а работните денови ќе го поминува во храмот што го носи името на императорот и на неговата сопруга Вибија Сабина, сместен на Пјаца ди Пјетра. Има хуманоиден изглед, опремен е со сензори за компјутерски вид, како и со вештачки мускули што му овозможуваат безбедно, ефикасно и деликатно да комуницира со луѓето.

Благодарение на напредната технологија тој има раце, па покрај вербалната комуникација, тој може да се ракува со посетителите, како и да ги движи и преместува работите со високо ниво на безбедност.

Умее да ги изразува емоциите преку мошне реални “изрази на лицето”, со што се постигнува поприродна и поинтересна комуникација со корисниците. Овој аспект засега го прави единствен, бидејќи умее да ги приспособи “изразите на лицето” според контекстот и соговорникот.

Првиот робот вработен во јавниот сектор – Адријано, е резултат на соработка помеѓу четири врвни италијански реалности во областа на роботиката и вештачката интелигенција, Италијанскиот институт за технологија (IIT), Универзитетот Сапиенца во Рим, старт-ап Универзитетот Сапиенца – Babelscape, како и спиноф на Италијанскиот институт за технологија и Универзитетот во Пиза, со истражувачки тим кој вбројува преку 30 луѓе.

Целиот процес на развој траел 18 месеци, а во проектот биле вложени 137 000 евра.

Адријано е експериментален проект што решително го промовиравме, со цел да ги натераме луѓето да разберат каква би можела да биде меѓусебната поврзаност помеѓу роботиката и вештачката интелигенција“, вели Лоренцо Таљаванти, претседател на Стопанската комора на Рим, додавајќи: „и како овие меѓусебни врски можат да доведат до создавање алатки корисни за подобрување на квалитетот на животот на луѓето во уникатен контекст на заедничката историја на Адриано динамичен и успешен начин“.

Научниот директор на Институтот за технологија, Џорџо Мета, изјави дека ова е првиот чекор кон иднината во која машините ќе комуницираат со луѓето на природен начин, поддржувајќи ги и подобрувајќи ги услугите.

Антонио Бики, раководител на лабораторијата SoftBots, рече дека ова е првпат ваков напреден систем да биде претставен во италијанскиот јавен сектор, додека Даниеле Нарди од Универзитетот Сапиенца рече дека роботот има способност да биде автономен и да креира изрази на лицето слични на човекот, како и гласовни интеракции.

Клучни зборови: