Рубрика: Информатика
Јубилејна 15-та конференција ДИДС – поглед кон иднината на интернетот
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 23.03.2025 - 20:30

Петнаесеттата, јубилејна конференција Ден на Интернет доменот на Србија (ДИДС 2025), која се одржа изминатата недела во Белград, обедини голем број домашни и меѓународни експерти кои разменија знаења и визии за иднината на дигиталниот простор. Под слоганот „Враќање во иднината“, овогодинешната конференција даде сеопфатен увид во трендовите и предизвиците што ќе го обликуваат интернетот во годините што следат.

Главното предавање “Назад во иднината: Кон посилен интернет” го одржа Полина Малаја. Таа го започна предавањето со разгледување на историјата на интернетот и клучните принципи кои го овозможија неговиот експоненцијален раст – отвореност, интероперабилност и децентрализирана структура.

Малаја анализираше како првобитната визија за интернетот како децентрализирана мрежа постепено еволуирала во нејзината сегашна состојба, каде што сме сведоци на порастот на големите технолошки корпорации и општ тренд на централизација. „Интернетот почива на збир на основни принципи кои му овозможија да расте експоненцијално и скалабилно и да стане камен-темелник на модерното информатичко општество“, истакна Малаја.

Завршувајќи ја својата презентација, Малаја претстави визија за посветла иднина за интернетот заснована на враќање на основните принципи на отвореност, безбедност и инклузивност, со акцент на промовирање конкуренција и различност на глобалната мрежа.

Панел-дискусијата “Иднината на интернетот: регулативи, технологии и бизнис хоризонти” ги собра истакнатите експерти: Кристијан Кауфман од ICANN, Растко Петаковиќ од Карановиќ и партнери, Мика Тасиќ, креативен технолог од Англија, а панелот беше модериран од Данко Јевтовиќ, член на Одборот на директори на RNIDS.

Дискусијата го покрена важното прашање за различните пристапи кон регулацијата на интернетот ширум светот. Растко Петаковиќ зборуваше за регулативата и заштитата на приватноста, осврнувајќи се на европскиот пристап кој се стреми да ја стандардизира приватноста на Интернет и да ги заштити корисничките права. Панелистите го спротивставија овој пристап со контролните модели имплементирани од некои земји, како Кина, каде што акцентот е ставен на централизирано управување со интернетот.

Мика Тасиќ ја покрена темата за монетизација на податоците, посочувајќи на денешното дигитално општество каде монетизацијата и податоците се нејасни за многумина. „Тоа е главната сила зад тоа како технологијата ќе се развива во иднина. Иднината на интернетот многу зависи од парите“, истакна Тасиќ. Тој особено го нагласи парадоксот на современиот интернет - корисниците станаа и работници и потрошувачи во исто време, додека големите технолошки компании најмногу заработуваат со собирање и користење на нивните податоци.

Кауфман се осврна на историската димензија, потсетувајќи како пред 20-25 години се веруваше дека Интернетот ќе ја унапреди демократијата и другите аспекти на животот, пред владите да почнат да се мешаат во регулацијата на Интернет, воведувајќи различни форми на надзор и блокирање. Заеднички заклучок на панелистите беше дека треба да ги задржиме позитивните аспекти на интернетот и да работиме на модел со повеќе засегнати страни што ќе овозможи интернетот да остане глобален и универзален.

Индексот за дигитален развој го открива потенцијалот на српската дигитална економија

Предраг Милиќевиќ и Никола Јовановиќ го претставија проектот “Индекс на дигитален развој на Србија”, кој ја мери дигитализацијата на компаниите преку објективни показатели. Нивното истражување покажа дека дигиталниот индекс на Србија моментално изнесува 46,97 од можни 100, што укажува дењка постои значителен простор за дигитален напредок.

Интересно е што две третини од компаниите имаат свои веб-страници и што дури 79% ги користат социјалните мрежи за деловни цели. Фејсбук е убедливо најпопуларната социјална платформа меѓу српските бизниси, со 80% од компаниите кои ја користат, додека LinkedIn го користат 31% од компаниите. Милиќевиќ особено ја истакна практичната вредност на веб-страницата indek.srb, која им овозможува на компаниите да ги проценат своите дигитални капацитети во споредба со слични компании.

Клучни зборови: