Гигантот Мета, кој ги поседува платформите Facebook, Instagram и WhatsApp, сака да го прошири своето присуство во областа на технологијата надвор од социјалните мрежи, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, но и потребната инфраструктура за поддршка. Проектот Вотерворт вклучува изградба и поставување на масивен подморски кабел долг 50 000 километри, што ќе ја “опаша” целата планета и ќе поврзе пет континенти.
Новиот проект за подморски кабли ќе обезбеди извонредно поврзување помеѓу петте континенти и ќе помогне во реализацијата на идните планови на Мета во доменот на вештачката интелигенција.
Трасата за поставување на кабли планирана од Мета за поврзување на 5 континента
„Проектот ќе овозможи подобра економска соработка, ќе обезбеди дигитално вклучување и ќе отвори можности за технолошки развој во овие области“, наведуваат од Мета.
Кабелот ќе биде најдолгиот кабел што некогаш бил направен, со структура од 24 пара влакна, што ќе овозможи поголем капацитет.
Подморските кабли станаа исклучително важни последниве децении со оглед на тоа што овозможуваат функционирање на мноштво дигитални услуги и брз пренос на огромни количини податоци. Повеќе од 95% од интернет сообраќајот во светот врви преку кабли распослани во морските длабочини.
Досега реализирана поставеност на подводна фибероптика
Телекомуникациската компанија Телеџеографи (Telegeography) наведува дека во моментов се користат околу 600 подморски кабли на глобално ниво. Еден од нив е кабелот 2Africa, финансиран од Мета и мобилните оператори Оранж, Водафон и Чајна Мобајл, долг 45 000 километри, којшто поврзува три континенти.