Експертите за вештачка интелигенција имаат најголеми шанси за вработување во Европа. Најголемиот број огласи за вработување се за профили од областа на информатичката област, иако претходната година беше одбележана со отпуштања во оваа дејност. Годинава во соседна Србија ја имаат и првата генерација сертифицирани менаџери за вештачка интелигенција.
Помеѓу првите 12 сертифицирани менаџери за вештачка интелигенција во Србија се и Миљан Радуновиќ и Миљан Боричиќ.
“Да имаше сто менаџери со вештачка интелигенција, тоа ќе беше премалку. Што се однесува до самите компании, добар дел од тоа е на теоретско ниво – сите зборуваат многу за вештачка интелигенција, но малку се оние кои знаат да ја применат во пракса. ВИ не е само прашање на технологија, нејзината примена во бизнисот е прашање на познавање на бизнисот, познавање на деловните процеси, закони и, конечно, што е тоа и какви придобивки може да донесе за компанијата”, вели Радуловиќ.
Миљан Боричиќ, пак, посочува пример каде ВИ може да помогне. “Некои варијанти кои без проблем може да се имплементираат во секоја компанија се некои бази на знаење каде тимот може да добие многу брзи одговори во комуникација со четбот, а тоа се апликации што може да им олеснат на луѓето во контакт центрите”, вели тој.
Милиони сегашни занимања ќе исчезнат. Во однос на работните места, тоа се речиси 75 милиони. Клучен збор станува преквалификација.
Директорот на Центарот за дигитална трансформација на Стопанската комора на Србија, Предраг Николиќ, истакнува дека компаниите сѐ повеќе се свесни дека дигиталната трансформација не е прашање на избор, туку повеќе е обврска.
“Имаме околу 50 случаи во Центарот за дигитална трансформација каде имплементиравме ВИ решенија. Најчесто тоа се туризмот и трговијата”, вели Николиќ.
Примената на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз пазарот на трудот беше тема на разговор и помеѓу европските и светските лидери на минатонеделниот самит во Париз. Додека Европа се залага за законска регулатива и етичка имплементација, САД и Кина ја водат трката за развој на оваа технологија без правила на игра.