Рубрика: Автомобилска техника
Хонда и Нисан пишман за спојувањето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.02.2025 - 16:00

Откако минатата година двата јапонски автомобилски гиганта Хонда и Нисан бомбастично најавија спојување на силите како одговор на големата кинеска инвазија, работите тргнаа во друга насока. Договорот за планираното спојување и официјално е “мртво слово”.

Според планот, објавен кон крајот на декември, со спојувањето требаше да се создаде третиот по големина производител на автомобили во светот, што ефективно ќе ја истиснеше групацијата Фолксваген од бронзата на подиумот. Но,  ова во ниту еден момент не ќе беше “брак” на еднакви. Имено, многумина тогаш се посомневаа дека всушност се работи за преземање на сардисаниот Нисан Nissan од страна на  Хонда, а по налог на јапонската влада.

Нисан е веќе дел од алијансата чијшто трилинг покрај него го сочинуваат Мицубиши и францускиот Рено. Иако во Мицубиши се размислуваше за приклучување кон спојувањето Хонда-Мицубиши, веќе кон крајот на јануари беше сигурно дека до тоа нема да дојде.

Можеби токму алијансата е дел од проблемот поради кој и не дојде до спојување. Имено, секоја од автомобилските компании од споменатиот трилинг поседува сопствен удел во некоја од другите две. Во случајот, Рено поседува 37,5% од Нисан. Хонда претпочиташе Нисан да си го откупи уделот на Рено, веројатно незаинтересирана за толку значаен дел од компанијата да е под странска сопственост. Но, во Нисан баш и немаат готовина при рака со која би го оствариле откупот на акции. Побогу, ако имаа немаше ниту да има потреба од спојување со Хонда! Се шпекулира дека Рено и дополнително ги искомпликувал работите, со тоа што барал исплата на премија од Хонда за неговиот удел во Нисан.

Но, ова не бил единствен проблем. Хонда и Нисан не можеле да се договорат за структурата на управување, како и за вреднувањето на Нисан, па сега тие се согласија едноставно да ја прекинат целата работа.

Директорите на Нисан немаа желба да гледаат како се претвораат во подружница на Хонда, на што некои аналитичари и укажаа дека е можно да се случи.

Двете компании заклучија дека, за да се даде приоритет на брзината на донесување одлуки и извршување на мерките за управување во сè понестабилно пазарно опкружување кое оди во ерата на електрификација, најсоодветно би било да се прекинат дискусиите и да се прекине [меморандумот за разбирање]“, се вели во заедничкото соопштение на компаниите. „Во иднина, Нисан и Хонда ќе соработуваат во рамките на стратешкото партнерство насочено кон ерата на интелигенција и електрични возила, стремејќи се кон создавање нова вредност и максимизирање на корпоративната вредност на обете компании“, се вели понатаму.

Хонда штотуку објави пораст од 6% на оперативниот профит во изминатиот квартал и веројатно нема да се поколеба по неуспехот на овој договор. Но, кај Нисан нештата се понесигурни. Тие пријавиле загуба во последните два квартала и денес објавија план за ревитализација кој вклучува укинување на 9000 работни места, затворање на три фабрики и намалување на обемот во многу други. А како врв на сѐ, продолжуваат да се шират гласини за можно врзување со тајвански Фокскон.

 

Извор ArsTechnica

Клучни зборови: