Иницијатори се тројца колеги, се вели дека „производот“ е создаден за време на вечера. Лансиран како шега, YouTube стана главен елемент на модерниот живот, а по 20 години постоење би можел да ја надмине американската кабелска телевизија во однос на бројот на претплатници.
Стив Чен, Чад Харли и Џавед Карим, колеги од финансиската технолошка компанија PayPal, го замислиле YouTube во 2005 година, наводно за време на една вечера. Доменот YouTube.com е лансиран на Денот на вљубените истата година.
Можноста за прикачување видеа е додадена на 23 април, кога Карим го објавил првото видео со наслов „Еве ме во зоолошката градина“. Спотот во траење од 19 секунди, во кој Карим стои пред слоновите во зоолошката градина во Сан Диего, собра 348 милиони прегледи.
Стив Чен, Чад Харли и Џавед Карим, колеги од финансиската технолошка компанија PayPal
Во текот на следните 20 години, платформата порасна до димензии незамисливи во 2005 година.
“YouTube го основаа колеги од светот на технологијата кои сакаа да обезбедат услуга за повторно гледање на „модниот инцидент“ на пејачката Џенет Џексон кога и испаднаа градите за време на нејзиниот настап на Супер Боул”, изјави Рос Бенес, аналитичар во истражувачката компанија eMarketer. „Денес тоа е најголемата дигитална видео платформа во светот во однос на времето поминато на гледање и приходите од реклами, вистинска технолошка сила”.
YouTube минатата година ja достигна бројката од повеќе од 2,5 милијарди гледачи ширум светот, додека бројот на претплатници на музичките и премиум верзиите достигна 100 милиони, според податоците на платформата Statista. Според Google, повеќе од 500 часа видео содржини се поставуваат на YouTube секоја минута.
Аналитичарите веруваат дека клучниот момент во развојот на платформата беше купувањето на YouTube од Google во 2006 година за 1,65 милијарди американски долари, бидејќи ја комбинираше оваа видео платформа на лојални корисници со експертизата на Google за пребарување и рекламирање.
„YouTube беше дел од закрепнувањето од падот на dot-com балонот, кога луѓето сфатија дека монетизирањето на веб-страниците е всушност клучно“, рече технолошкиот аналитичар Роб Ендерле, референцирајќи ја врската со пукањето на балонот на технолошкиот раст од доцните 1990-ти.
YouTube стана пример за тоа како треба да се градат интернет компаниите, за разлика од моделот од доцните 1990-ти.
Google ја искористи својата рекламна експертиза за да изгради успешен модел, споделувајќи ги приходите со креаторите кои привлекуваат значителна публика. Компанијата, исто така, ја подобри технологијата и преговараше за решавање на проблемите со прекршување на авторските права.
„Пиратски аспект повеќе не е присутен на YouTube како порано“, забележува Бенес. „Порано имаше и голотија”.
Платформата, исто така, успеа да ја ублажи и загриженоста за вознемирувачката содржина што допира до децата со помош на софтвер за препораки. Имено, компанијата лансираше бесплатна апликација – YouTube Kids, промовирана како безбеден простор за деца и постојано ги прилагодува своите алгоритми за да избегне проблеми со огласувачите и регулаторите.
Аналитичарот Ендерле припишува голем дел од заслугата за развојот на YouTube во исклучителна платформа на поранешната извршна директорка Сузан Војчицки, која почина минатата година.
Сузан Војчицки
“Беше феноменална во својата работа и покажа како треба да изгледа ваква платформа“, вели за неа Ендерле.
Се предвидува дека YouTube ќе ги надмине сите американски сервиси на кабелска телевизија во однос на бројот на претплатниците во рок од две години, тврди Бенес. Платформата сега се натпреварува со стриминг сервисите како Netflix, Disney и Amazon Prime, но исто така и со видео-блог платформите за кратки форми, како TikTok и Instagram (Reels). Како одговор на популарноста на TikTok, YouTube ја претстави својата функција Shorts, која во просек има повеќе од 70 милијарди прегледи дневно.
„Како оригинална платформа за видео стриминг, YouTube постојано се развива и се прилагодува“, изјави за АФП Мајк Проу, потпретседател и истражувачки директор во аналитичката компанија Форестер.
Иако алгоритмот на YouTube традиционално ги фаворизира етаблираните создавачи, долгогодишниот создавач на содржини Роберт Џи забележува дека нови создавачи сега повторно се појавуваат на почетната страница.