Во април годинава, во Пекинг ќе се одржи полумаратон на кој заедно ќе учествуваат луѓе и хуманоидни роботи. Наградите за првите три места се доделуваат без разлика дали победникот е човек или робот...
Полумаратонот човек-робот се одржува во Пекинг во индустриската зона Даксинг, центар за високотехнолошка индустрија, особено на онаа за производство на авиони и полуспроводници. На трката долга 21 километар, организирана од ресорот за економски и технолошки развој во Пекинг (E-Town), се очекува да учествуваат 12 000 тркачи заедно со роботи од повеќе од 20 компании.
За да учествуваат во трката, роботите мора да исполнуваат неколку технички барања: да имаат хуманоидна форма и двоножно движење, висина помеѓу 0,5 и 2 метри и минимално растојание помеѓу колковите и стапалата од 0,45 метри. Не се дозволени роботи на тркала, но може да учествуваат и модели со далечинско управување и автономни модели, при што е дозволена и замена на батериите за време на трката.
Меѓу регистрираните роботи е и Тиангонг од Кинескиот центар за иновации во применета вештачка интелигенција и роботика. Овој робот може да одржува просечна брзина на трчање од 10 километри на час, а веќе учествуваше на полумаратонот во Пекинг Јижуанг, каде што им се придружи на човечките натпреварувачи на стартот и на целта.
По априлскиот полумаратон, Пекинг подготвува уште еден спортски настан во август на кој хуманоидните роботи ќе се натпреваруваат во атлетика, фудбал и во други спортски дисциплини.