Рубрика: Астрономија и астронаутика
Ново откритие што ја зголемува енигмата на брзите радио изблици (FRB)
Објавено на 22.01.2025 - 17:30

Научниците следеа интензивен радио сигнал кој доаѓа од длабоката вселена сѐ до неговиот извор и шокирани се од она што го открија.

Со години, истражувачите се обидуваат да го објаснат потеклото на брзите изблици на радиосигнали (анг. Fast Radio Bursts – FRB), мошне кратки и моќни експлозивни радиосигнали кои потекнуваат од длабоката вселена. Откако првиот FRB беше откриен во 2007 година, досега се забележани повеќе од 1000 FRB, со вообичаено траење од едвај неколку секунди, па дури и милисекунди. Во дискусиите за нивното можно потекло не се исклучува ништо, па така во игра влегува речиси сè – од црни дупки до вонземска технологија. Истражувачите се надеваат дека ќе можат да разберат повеќе за оваа мистериозна појава следејќи ги изблиците назад до нивните оригинални галаксии, со надеж дека ќе видат какви екстремни услови се потребни за да изнедрат толку моќни радиосигнали чијшто сигнал ќе се распрсне низ универзумот.

FRB 20240209A е првиот којшто потекнува од периферијата на древна, мртва елипсовидна галаксија, што е доста збунувачки. Имено, сите претходно детектирани FRB потекуваат од многу помлади галаксии во кои се формираат ѕвезди и кои имаат мошне поголема активност, па новото откритие покренува повеќе прашања за потеклото на овие загадочни објекти. Имено, како што сметаат научниците, откритието би можело да значи дека мистериозните космички настани доаѓаат од многу поразновидни места отколку што се претпоставуваше.

Преовладувачката теорија е дека FRB потекнуваат од магнетари формирани преку супернови со колапс на јадрото. Се чини дека тоа не е случај овде“, вели Таране Ефтехари од Универзитетот Нортвестерн во САД. Ефтехари е водечки автор на една од двете студии објавени деновиве во Astrophysical Journal Letters, и коавтор на втората. „Додека младите, масивни ѕвезди го завршуваат својот живот како супернови со колапс на јадрото, ние не гледаме докази за млади ѕвезди во оваа галаксија“. „Благодарение на ова ново откритие, се формира слика која покажува дека не сите FRB потекнуваат од млади ѕвезди. Можеби постои субпопулација на FRB кои се поврзани со постари системи“.

Овој нов FRB ни покажа дека токму кога мислите дека сте разбрале одреден астрофизички феномен, универзумот се врти и изненадува“, вели Вен-фаи Фонг од Нортвестерн, виш автор во обете студии што известуваат за новите наоди. „Овој „дијалог“ со универзумот е она што нашето поле на изучување – астрономија на транзиторни појави – го прави толку неверојатно возбудливо“.

FRB 20240209A за прв пат бил забележан во февруари 2024 година, со помош на канадскиот експеримент за мапирање со интензитет на водород (CHIME). Изворот продолжил да пулсира сѐ до јули 2024 година, поточно уште 21 пат, што им помогнало на истражувачите да ја лоцираат неговата позиција на небото. Откако тоа беше направено, истражувачите ги свртеа сателитите кон локацијата и беа изненадени од она што го видоа. Наместо млада галаксија, радиосигналот доаѓаше од галаксија стара 11,3 милијарди години, оддалечена на само две милијарди светлосни години од Земјата. Научниците потоа симулираа какви би можеле да бидат условите во таа галаксија. Тие симулации покажале дека галаксијата се чини дека е мошне светла и масивна, со маса 100 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето, што ја прави најмасивната галаксија домаќин FRB досега, како и една од најмасивните пронајдени галаксии од секаков вид. Интересно е и тоа што освен што радиосигналот потекнува од мошне стара галаксија, изворот на FRB 20240209A е истовремено и извор којшто е најоддалечен  од центарот на својата галаксија домаќин, во рамките на досега детектираните FRB. Се наоѓа на периферијата од галаксијата, на околу 130 000 светлосни години од центарот, место каде постојат малку ѕвезди.

Ова е и изненадувачки и возбудливо, бидејќи се очекува FRB да потекнуваат од внатрешноста на галаксиите, често од области во кои се формираат ѕвезди“, вели Вишванги Шах, дипломец на Универзитетот Мекгил, САД. „Локацијата на овој FRB, на самиот раб од галаксијата домаќин покренува прашања за тоа како вакви енергетски настани може да се случат во региони во коишто не се формираат нови ѕвезди“.

Како што веќе споменавме резултатите од истражувањето се објавени во во The Astrophysical Journal Letters, во два засебни труда – „Извор на повторувачки брз изблицк на радиосигнал во периферијата на мирна галаксија“ и „Масивна и тивка елипсовидна галаксија домаќин на повторливиот брз изблик на радиосигнал FRB 20240209A“,.

Клучни зборови: