Рубрика: Медицина
ВИ може да помогне во дијагностицирање на деменција преку тестови на очите
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 22.01.2025 - 12:00

Шкотските истражувачи работат на нова алатка за вештачка интелигенција што оптичарите би можеле да ја користат за да ги забележат раните знаци на деменција...

Фотографиите направени од мрежницата на задниот дел од окото можат да дадат индикација за здравјето на мозокот, а со користење на софтвер со вештачка интелигенција за анализа на информациите, научниците можеби ќе можат да забележат знаци на болест пред појава на какви било симптоми.

Истражувачкиот тим NeurEYE собра речиси милион скенови на очи од оптичари ширум Шкотска – најголемиот сет на податоци од ваков вид во светот – и со помош на вештачка интелигенција разви алгоритам којшто може да го процени здравјето на крвните садови во окото, а како бонус тие може да укажуваат на неврогенеративни болести.

Базата на податоци што ја изгради тимот може да се примени на фотографии направени за време на рутински очни прегледи и на крајот може да се користи од лекарите или за да се спречи појавата на болеста или да се дијагностицираат состојбите во многу порана фаза отколку што тоа беше возможно досега.

Крвните садови во окото се мошне мали и фини што значи дека можат да ги покажат состојбите порано од другите делови на телото.

Тимот NeurEYE го предводат научници од Универзитетот во Единбург, а вклучува истражувачи од Каледонскиот универзитет во Глазгов. Балжан Дилон, професор по клиничка офталмологија на Универзитетот во Единбург и ко-водач на NeurEYE, вели: „Окото може да ни каже многу повеќе отколку што мислевме дека е можно. Мрежницата содржи цело богатство на информации и е биолошки барометар за здравјето на нашиот мозок. Можеме да ја видиме мрежницата со едноставната, евтина опрема што присутна во речиси секоја ординација во Велика Британија и пошироко. Нешто многу едноставно како фотографија на мрежницата сега може да се искористи за потенцијално да се предвидат промени во мозокот подоцна во животот."

Деменцијата ги спречува мозочните клетки на една личност да работат правилно, што влијае на нивната способност за паметење, размислување и зборување. Според Dementia UK, оваа состојба погодува едно од 14 лица на возраст преку 65 години и едно од шест лица на возраст преку 80 години.

Клучни зборови: