Британската организација за заштита на потрошувачите "Which?" откри загрижувачка практика кај некои од кинеските паметни уреди, меѓу кои и паметните фритези AirFryer. Имено, ако се верува на извештајот на организацијата, овие уреди бараат низа општи и широки дозволи при нивната активација и работа, меѓу кои и пристап до микрофон како и податоци за локацијата на корисниците. Овие информации потоа ги испраќаат до серверите во Кина, а некои од производите содржат и т.н. тракери, што потоа се користат за маркетиншки цели.
Меѓу наведените брендови се најдоа и Xiaomi, Tencent и Aigostar, додека Huawei, кој исто така бил именуван, ги бранел своите практики повикувајќи се на усогласеност со регулаторните барања. Иако сè уште нема поплаки за незаконски активности, случајот го привлече вниманието кон недостатокот на свест на потрошувачите за тоа кои точно информации се собираат и како тие потоа се користат.
Од Канцеларијата на комесарот за информации на Велика Британија (ICO) најавиле дека следната 2025 година, на пролет, ќе објават нови упатства за производителите на паметни уреди. Се очекува овие упатства појасно да ги дефинираат начините на кои компаниите мора да побараат согласност од корисниците, да обезбедат транспарентни информации за приватноста и да им овозможат на потрошувачите да ги остварат своите права врзани за заштита на податоците.
Во меѓувреме, потрошувачите и понатаму масовно купуваат паметни уреди. Според извештајот на Sky News, за време на оваа божиќна сезона се очекува британските купувачи да потрошат околу 15 милијарди фунти (~ 18,15 милијарди евра) на паметни производи.
Случајот со кинеските паметни фритези покажува дека токму сега е вистинското време да се воведат построги упатства и поголема транспарентност во областа на заштитата на податоците, пишува TechTimes.