Рубрика: Омнибус
Биткоинот не е конкурент на доларот, туку на златото
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 10.12.2024 - 13:30

Додека љубителите на криптовалутите честопати укажуваат на Биткоин како потенцијална замена за американскиот долар, претседателот на американските Федерални резерви, Џером Пауел не се согласува.

На самитот DealBook во Њујорк, Пауел рече дека Биткоинот е шпекулативно средство, како златото, а не валута. “Тој е како злато, само виртуелно. Луѓето не го користат како средство за плаќање или средстство за чување на вредноста. Многу е нестабилно. Не е конкуренција на доларот, туку на златото”,  – истакна тој.

Овие изјави доаѓаат во време кога се очекува администрацијата на Доналд Трамп да преземе чекори кон легализирање на дигиталните средства. За време на кампањата, Трамп се претставуваше како „кандидат за криптовалути“, прифаќајќи донации во различни криптовалути, вклучувајќи Bitcoin, Ether, Dogecoin и Solana.

На конференцијата за Биткоин во јули, Трамп вети дека ќе формира национална резерва на биткоини, повторувајќи ја потребата САД да станат крипто суперсила или да се соочат со конкуренцијата од други економски сили, каква што е Кина.

На прашањето дали тој лично ќе поседува криптовалути, Пауел кратко одговори: “Не е дозволено.

Пауел не коментираше дали Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) ќе ги намали каматните стапки по состанокот од 17 до 18 декември, но истакна дека инфлацијата е малку повисока од очекуваното.

Гувернерот на Федералните резерви, Кристофер Валер рече дека е склон да ги намали каматните стапки во декември, но е загрижен дека напредокот во поглед на инфлацијата можеби наидува на застој.

Целото интервју на Пауел на самитот БукДил е достапно на јутјуб каналот на Њујорк Тајмс 

Клучни зборови: