Рубрика: Телекомуникации
Дали навигацијата може да предизвика судар? Истрага против Google во Индија
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 06.12.2024 - 15:45

Дали навигацијата може да биде одговорна ако корисникот има сообраќајна несреќа? Ова прашање го поставуваат многумина во Индија откако тројца мажи загинаа кога нивниот автомобил излета од недовршен мост и потона на дното од реката во индиската држава Утар Прадеш.

Полицијата сè уште го истражува инцидентот, кој се случил во неделата во северна Индија, но верува дека Гугл мапс можеби ги навела мажите на тој пат. Дел од мостот се урнал порано оваа година поради поплави. И додека мештаните го знаат ова и избегнуваат овој мост за премини преку реката, тројцата мажи ја немале оваа информација, бидејќи не живеат во овој дел од Индија.

На мостот немало ниту огради ниту табли кои би укажувале на тоа дека поправката на мостот не е завршена.

Властите во извештајот до полицијата наведуваат четворица инженери од сојузната институција за патишта, како и неименуван претставник на Гугл мапс (Google Maps), обвинувајќи ги за убиство од небрежност.

Портпаролот на Google потврди за Би-Би-Си дека компанијата соработува во истрагата. Трагичниот инцидент предизвика лавина дискусии за лошата сообраќајна инфраструктура во Индија и околу уделот на Гугл мапс и другите апликации за навигација во слични несреќи. Некои ја обвинуваат апликацијата која не дава точни информации, додека други сметаат дека властите направиле поголема грешка што не го блокирале сообраќајот на мостот со барикади.

Google Maps е најпопуларната апликација за навигација во Индија и стана синоним за GPS (Global Positioning System) системот за навигација кој работи со помош на сателитски радиосигнали. Тие се користат од многу компании кои се занимаваат со транспорт, испорака на стоки и храна. Апликацијата има околу 60 милиони активни корисници и бележи околу 50 милиони пребарувања секој ден. Но од неодамна таа стана мета на критики поради неажурираните податоци и давањето погрешни насоки што во комбинација довело и до фатални последици.

Загрижувачки, овој случај не е изолиран. Човек од државата Махараштра се удави во 2021 година откако го втурна својот автомобил во брана, наводно следејќи ја навигацијата. Минатата година двајца млади лекари починале во државата Керала, откако нивниот автомобил паднал во река. Полицијата тогаш соопштила дека загинатите ја следела рутата дадена од апликацијата и уште тогаш издале предупредување во кое велат дека луѓето не треба да се потпираат премногу на технологијата кога патиштата се поплавени.

Ова е сосема разумен совет ако се има предвид начинот на којшто Google Maps функционира. GPS сигналите од корисничките апликации обезбедуваат податоци за можни промени во маршрутите на тој начин што повеќе добиени сигнали укажуваат на застој на патот, додека помалку сигнали укажуваат на тоа дека патот се користи поретко.

Апликацијата добива податоци и од владите на земјата и од корисниците за сообраќајниот метеж или евентуално затворање на патиштата.

Во Гугл приоритет добиваат поплаките за голем метеж или информациите што ги добиваат директно од властите, бидејќи немаат доволно персонал за да се справат со милионите поплаки што ги добиваат секој ден”, вели Ашиш Наир, поранешен вработен во Гугл мапс и основач на платформата Потер мапс (Poter Maps). „Операторот на мапи потоа зема сателитски снимки, како и фотографии и информации од Google Street View од владата за да ги потврди податоците и да направи промени на мапите“, додава тој.  

Според Наир, апликациите за навигација не можат да се сметаат за одговорни за несреќи, бидејќи условите за користење јасно кажуваат дека корисниците мора сами да одлучуваат на патот и дека информациите што ги дава апликацијата може да се разликуваат од реалната ситуација. Исто така, речиси е неизводливо платформите како Google, кои управуваат со мапи ширум светот, да ја регистрираат секоја промена на патот, вели експертот.

Освен тоа, за разлика од многу други земји, како Сингапур на пример, во Индија немаат голем систем за пријавување на промени и проблеми на патиштата во реално време.

Правниците имаат различни ставови околу тоа дали навигацијата може да понесе одговорност за настанок на сообраќајните несреќи. Бидејќи Законот за информатичка технологија во Индија на дигиталните платформи како Google Maps им дава улога на посредници (платформите споделуваат информации добиени само од трети страни), тој ги штити од можна одговорност, вели адвокатот Саима Кан. Но, доколку се докаже дека платформата не ги коригирала податоците во случаи кога добивала навремени и точни информации, тогаш компаниите би можеле да бидат осудени за небрежност, додава тој.

Клучни зборови: