Рубрика: Информатика
ТикТок ги отстранува филтрите за убавина за тинејџерите
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 06.12.2024 - 13:30

Социјалната мрежа ТикТок е под притисок да ги подобри безбедносните стандарди со забрана за корисници помлади од 13 години. Истовремено, поради зголемување на анксиозноста и намалување на самодовербата кај младите, корисниците на оваа социјална мрежа помлади од 18 години ќе се соочат со ограничувања при користењето на филтри за разубавување.

Во следните неколку недели, корисниците на TikTok под 18 години ќе бидат спречени вештачки да ги зголемуваат очите, да ги зголемуваат усните и да ги измазнуваат лицата или да го променат тонот на кожата. Ограничувањата ќе важат за филтри, како што е популарниот Bold Glamour, кои ги менуваат карактеристиките на децата на начин на кој шминката не може. Стрип филтрите што додаваат зајачки уши или кучешки нос нема да бидат засегнати од забраната.

Платформата TikТok има една милијарда корисници и е во сопственост на ByteDance, која ги објави промените за време на нивниот безбедносен форум одржан во европското седиште на компанијата во Даблин. Дали ограничувањето ќе има ефект најмногу ќе зависи од тоа дали корисниците на платформата чесно ќе пријават колку точно години имаат, што не секогаш е случај.

TikTok, исто така, објави дека ги заострува безбедносните системи со цел да ги исфрли корисниците помлади од 13 години од платформата. Имено, пред крај на годината треба да започне тестирањето на новите автоматизирани системи кои користат машинско учење за откривање на корисници кои не се придржуваат до ограничувањата за возраста.

Платформата веќе отстранува 20 милиони сметки на малолетни корисници секој квартал ширум светот.

Клои Сетер, шеф за безбедност на децата во ТикТок, вели дека се надеваат дека новиот систем ќе овозможи мошне побрзо откривање и отстранување на неовластени профили. Корисниците чии сметки се по грешка блокирани ќе можат да поднесат жалба. „Ова очигледно може да биде непријатно за некои млади“, признава Сетерова, но додаде дека платформата ќе има таков пристап што безбедноста е на прво место.

Новите „заштитни огради“ околу филтрите за разубавување и проверките на возраста се дел од бранот онлајн безбедносни прилагодувања објавени од платформите на социјалните медиуми пред најавеното заострување на регулативите, со потенцијално високи казни за кршење на правилата за безбедност на интернет.

Минатата недела, Roblox, платформа за игри со 90 милиони дневни корисници, по предупредувањата за груминг, експлоатација и споделување на непристојни слики, објави дека ќе го ограничи пристапот до понасилна, погруба и позастрашувачка содржина за најмладите корисници на платформата.

Енди Бароуз, главен извршен директор на Фондацијата Моли Роуз, која се фокусира на превенција од самоубиства, вели дека овие промени се објавуваат главно во согласност со регулативите на ЕУ и Велика Британија: „Тоа е причина за поамбициозна регулатива, а не послаба“.

Бороуз го повика ТикТок да биде целосно транспарентен за тоа како ќе функционираат неговите мерки за проверка на возраста на корисниците и да биде поефективен во намалувањето на бројот на корисници на возраст под 13 години на платформата.

Клучни зборови: