Американскиот производител на чипови Интел објави дека неговиот извршен директор Пет Гелсинџер поднел оставка од функцијата и се пензионирал од бордот на директори на компанијата. Водењето на компанијата во периодот на транзиција ќе го преземат двајца привремени извршни директори – Дејвид Цинзнер и Мишел Џонстон Холтхаус, како и еден привремен претседател на бордот на директори, Френк Јири.
Како што пренесува TechCrunch, Глесинг во изјава за јавноста кажал дека да се биде на чело на Интел е најголемата чест што ја доживеал. „Можам да гледам наназад со гордост на сè што постигнавме заедно. Ова беше предизвикувачка година за сите нас бидејќи донесовме тешки, но неопходни одлуки да го позиционираме Интел за тековната пазарна динамика. Засекогаш сум благодарен за многуте колеги ширум светот со кои работев како дел од семејството на Интел“, вели тој во неговата изјава.
Приходите на Интел паднаа на 54 милијарди долари во 2023 година, што е за една третина помалку од 2021 година кога Гелсинџер ја презеде функцијата извршен директор.
Компанијата вети дека ќе укине повеќе од 15 000 работни места како дел од планот за намалување на трошоците од 10 милијарди долари и ја одложи изградбата на неколку капацитети за производство на чипови.
Аналитичарите очекуваат Интел да оствари загуба од 3,68 милијарди долари оваа година, што е негова прва годишна нето загуба од 1986 година.
Како што пренесуваат од CNBC, веста веќе придонела за позитивен тренд на акциите од Интел на берзите, со пораст на вредноста од 5%.