На 21. ноември беше одбележан јубилејот 30 години од основањето на МАКО СИГРЕ, националниот комитет на CIGRE во Македонија. По тој повод, гости на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) беа проф. Константин Папаилиу, претседател и г-дин Филип Адам, генерален секретар на меѓународната организација CIGRE.
Во рамки на посетата, гостите имаа можност да дојдат на ФЕИТ и да остварат средба со деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски и деканите на Техничкиот факултет во Битола, проф. д-р Митко Костов и на Електротехничкиот факултет во Штип, проф. д-р Василија Шарац. На средбата беше истакната долгогодишната меѓусебна соработка и поддршка меѓу академската заедница и МАКО СИГРЕ, која се заснова на заедничките вредности за споделување знаења и искуства меѓу професионалците и студентите во областите на електротехниката и електроенергетиката.
ФЕИТ и ТФБ даваат исклучителна поддршка на здружението преку учество во неговата работа, раководење со активностите на студиските комитети и учество на редовните советувања во својство на автори и коавтори. Поддршката е обострана, како што беше истакнато на средбата, на која покрај гостите, присутни беа и членовите на Секретаријатот на МАКО СИГРЕ. Имено, претседателот на CIGRE, проф. Папаилиу ја истакна како одлична практика традицијата на МАКО СИГРЕ за стипендирање и наградување на најдобрите студенти од ФЕИТ и ТФБ од областа на електроенергетиката, како и за поддршката на студентските конференции кои се одржуваат на овие факултети. На средбата не изостана ниту дискусијата за важноста на енергетската транзиција и улогата на инженерите во нејзиното спроведување, а особено на потребата од кадар во оваа област. Како што спомена проф. Папапилиу, сега е најдобро време да се започне кариера во електротехниката и да се учествува во процесот на енергетска транзиција.
На 21. ноември беше организирана и Свечена академија по повод јубилејот, на која присуствуваа голем број инженери – членови на МАКО СИГРЕ. На настанот се обратија претседателот на МАКО СИГРЕ, г-дин Сашо Салтировски, претседателот на CIGRE, проф. Папаилиу и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска. Г-дин Салтировски во својот говор му го честиташе јубилејот 65 години постоење на ФЕИТ, истакнувајќи „Посебна благодарност би сакал да упатам до академската заедница претставувана првенствено од ФЕИТ и Техничкиот факултет во Битола. Академската заедница, особено ФЕИТ, кој оваа година слави 65 години од своето постоење и континуирано пружа огромна поддршка на работата на Здружението преку волонтерска работа во Студиските комитети, Секретаријатот и при организација на советувањата. Ја користам оваа прилика да го честитам јубилејот на мојот, вашиот, нашиот и факултетот на идните генерации на ФЕИТ и да се заблагодарам за сè што прави за МАКО СИГРЕ“.
На Свечената академија министерката, г-ѓа Божиновска ја истакна важноста на инженерите за целокупниот општествен развој, а особено на идните генерации инженери: „Младите инженери се иднината на оваа професија, и нивната енергија и иновативност ни даваат надеж дека транзицијата кон одржлива енергетика е на дофат. Но тие не можат сами – им треба поддршката и знаењето што само искусните професионалци можат да го понудат. Токму СИГРЕ е мост помеѓу генерации инженери, овозможувајќи континуитет во пренесувањето на знаења и искуства – витално за младите кои се иднината на оваа професија.“