Студентите од ФЕИТ имаа можност да учествуваат со своите иновативни проекти на Саемот за креативни индустрии, кој се одржа на 25 и 26 ноември во едукативниот културен центар Лабораториум. Настанот, организиран со поддршка од Министерството за култура, претставува платформа за презентирање на иновации, креативни решенија и технологии кои придонесуваат за развојот на креативните индустрии во нашата земја.
Студентите ја демонстрираа својата креативност и технолошка експертиза преку проекти кои ги комбинираат инженерството, уметноста и одржливоста.
Проектот “Инвертирано нишало”, презентиран од студентите Илија Мижимакоски, Магдалена Мандалова и Ангела Секуловска, претставува реален модел на инвертирано нишало како test bench за имплементација и тестирање на различни алгоритми за управување и стабилизација на нелинеарен систем. Како такво претставува еден од најзначајните и најфасцинантни примери на систем на автоматско управување, кој во случајов е управуван со ПИД алгоритам.
“Системот за вокална интеракција човек-робот – Роби”, којшто е воедно и дипломски труд на Јована Михајлоска, е дизајниран за интеракција со деца преку раскажување на приказни и поставување на прашања, а притоа одговорите на децата можат да влијаат на текот на приказната.
Проектот “Очила за детекција и избегнување на препреки”, презентиран од студентките Ана Софрониевска и Даниела Стојческа, им овозможува на слепите и слабовиди лица непречено да се движат во градската средина елиминирајќи ја опасноста од судир со препреки поместени во правецот на движење.
Проектот “Електронска шаховска табла”, дипломски труд на Дејан Пејчиноски (објавен и во ЕМИТЕР), интегрира напредни сензори и алгоритми за да се осигура прецизно снимање на секој потег, обезбедувајќи инстант информации на компјутерскиот систем за следење на играта.
Овие проекти се само дел од потенцијалот што младите инженери на ФЕИТ го носат во полето на технолошкиот развој и иновациите.
Честитки до сите учесници за успешното претставување и благодарност до организаторите за можноста да бидеме дел од овој инспиративен настан.
Во прилог се и неколку фотографии од штандот на ФЕИТ на настанот.
Извор ФЕИТ