Последиците од антибиотската терапија врз разновидноста на цревните бактерии можат да се видат и цели 8 години подоцна. Ова има значителни последици за здравјето.
Порастот на антибиотска резистентност кај микробите е одлична причина за да се прекине со непотребна употреба на овие производи. Но, таа не е е единствената. Имено, како што откриваат досегашните истражувања, само една тура антибиотици е доволна за да го загрози „биодиверзитетот“ на бактериската флора во цревата многу долго време по прекинот на терапијата. Анализата споделена на серверот за медицински написи medRxiv, вели дека оваа промена може да се забележи и по цели 8 години. Промените може да го компромитираат имунолошкиот систем и да ве направат поранливи на инфекции и гастроинтестинални заболувања.
Дека антибиотиците може веднаш, и барем на неколку години, да го променат цревниот микробиом, беше познато подолго време, но долгорочните последици од нивната употреба беа помалку јасни.
За потребите на новиот труд, научниците од Универзитетот Упсала во Шведска ги преиспитале податоците од три претходни студии во кои беа собрани примероци од столицата од повеќе од 5700 лица на возраст помеѓу 20 и 70 години. Од нив, повеќе од 1400 земале антибиотска терапија помалку од две недели, 4 до 8 години пред да се земе примерокот.
Иако употребата на антибиотици помалку од една година пред собирањето примероци била поврзана со позначајно намалување на диверзитетот во цревниот микробиом, дури и нивната употреба „далеку поназад во времето“, според анализите, не поминала незабележано.
Повеќето здрави луѓе обично имаат најмалку неколку стотици различни видови на микроорганизми во нивните црева. Учесниците кои земале макролидни антибиотици (кои се користат, на пример, против инфекции со стрептококи или против некои респираторни инфекции) во претходните 4-8 години, во просек, за време на анализите, имале 56 помалку бактериски видови во нивниот цревен микробиом, споредено со оние кои не земале антибиотици. Оние, пск, кои морале да земаат цефалоспорини, антибиотици кои се користат за лекување на инфекции на уринарниот тракт, пневмонија и менингитис, имале во просек 43 помалку бактериски видови од оние кои не морале да користат антибиотици.
Слична загуба беше откриена, дури и години подоцна, кај луѓе кои земале клиндамицин, антибиотик кој се користи против инфекции на усната шуплина, забите или кожата.
Губењето на богатството на цревниот микробиом е поврзано со појавата на метаболички болести и други сериозни здравствени состојби, а исто така може да го направи човека ранлив на заболувања проследени со дијареи, какви што се оние предизвикани од бактеријата Clostridium difficile, инфекции кои се почести во болнички услови и понекогаш имаат сериозни исходи. Вообичаено се смета дека некој е особено подложен на вакви заболувања по губењето на околу педесет бактериски видови од микробиомот, како што бил случај со учесниците во студијата. Ова се должи на тоа што, по овие измени, нормално безопасните бактерии кои живеат во цревата може да станат доминантни, компромитрајќи ја претходната природна рамнотежа.