Рубрика: Астрономија и астронаутика
Прва фотографија во гро-план на ѕвезда надвор од нашата галаксија
Објавено на 22.11.2024 - 11:00

Фотографија на ѕвездата WOH G64 е првата слика во гро-план од ѕвезда сместена надвор од нашата сопствена галаксија, Млечниот Пат.

Ѕвездата WOH G64 снимена благодарение на импресивната острина на телескопот VLTI при Европската јужна опсерваторија, е оддалечена неверојатни 160 000 светлосни години од нас. Новите набљудувања откриваат ѕвезда што испушта гас и прашина, во последните фази од нејзиниот живот пред да премине во супернова.

За прв пат, успеавме да направиме зумирана слика од ѕвезда што умира во галаксија надвор од нашиот Млечен Пат“, вели Кеичи Онака, астрофизичар од Универзитетот Андрес Бело во Чиле.

Откривме јајчест кожурец што тесно ја опкружува ѕвездата“, вели Онака, водечки автор на студијата објавена во Astronomy & Astrophysics каде се изложени наодите. „Возбудени сме бидејќи наодот можеби е поврзан со драстичното исфрлање на материјал од ѕвездата на умирање пред да експлодира во супернова“.

Лево: Првата слика во гро-план на ѕвезда лоцирана надвор од нашата галаксија. Овој пробив беше возможен благодарение на многу телескопот VLTI на Европската јужна опсерваторија сместена во пустината Атакама во Чиле. Десно: Уметничка реконстуркција на геометријата на структурите околу ѕвездата, вклучувајќи ја светлата овална обвивка и побледиот правлив торус. За да се потврди присуството и обликот на овој торус потребни се дополнителни набљудувања. Слика: ESO/K. Ohnaka et al., L. Calçada

Иако астрономите направиле дваесетина слики во гро-план од ѕвездите во нашата галаксија, откривајќи ги нивните својства, безброј други ѕвезди живеат во други галаксии, толку далеку што деталното набљудување макар и на една од нив претставуваше исклучителен предизвик. Но работите се менуваат.

Ѕвездата WOH G64 е сместена во Големиот Магеланов Облак, една од малите галаксии што орбитираат околу Млечниот Пат. Астрономите знаат за оваа ѕвезда со децении и соодветно ја нарекоа „Бегемот*-ѕвезда“. Со големина приближно 2000 пати поголема од нашето Сонце, WOH G64 се класифицира како црвен суперџин.

Тимот на Онака долго време бил заинтересиран за оваа Бегемот-ѕвезда. Во 2005 и 2007 година, тие го искористиле телескопот VLTI од ЕСО за да дознаат повеќе за карактеристиките на ѕвездата и продолжиле да ја проучуваат во наредните години. Но, за добивање на вистинска слика од ѕвездата, тимот морал да почека подолго време, за развој на еден од инструментите од втората генерација на VLTI, GRAVITY.

Откако ги споредиле нивните нови резултати со други претходни набљудувања на WOH G64, истражувачите биле изненадени кога открија дека ѕвездата станала потемна во текот на изминатата деценија.

Откривме дека ѕвездата доживува значителна промена во последните 10 години, што ни дава ретка можност да бидеме сведоци на животот на ѕвездата во реално време“, вели Герд Вајгелт, професор по астрономија на Институтот за радио астрономија Макс Планк во Бон, Германија, и коавтор на студијата.

Во нивните последни животни фази, црвените суперџинови како WOH G64 ги отфрлаат своите надворешни слоеви од гас и прашина во процес што може да се одвива во текот на илјадници години.

Оваа ѕвезда е една од најекстремните од овој вид, и секоја драстична промена може да ја приближи до експлозивен крај“, додава коавторот Џако ван Лун, директор на опсерваторијата Кил при Универзитетот Кил во Велика Британија, кој ја набљудува WOH G64 уште од 1990-тите.

Тимот смета дека исфрлениот материјал можеби е одговорен и за затемнувањето и за неочекуваната форма на кожурецот од прав околу ѕвездата. Новата слика покажува дека кожурецот е истегнат, што ги изненади научниците, кои очекуваа поинаков облик врз основа на претходните набљудувања и компјутерските модели. Тимот смета дека јајчестиот облик на кожурецот може да се објасни или со исфрлањето материјал од ѕвездата или со влијание на некоја сè уште неоткриена придружна ѕвезда.

Како што ѕвездата станува сè побледа, добивањето на други фотографии во гро-план ќе станува сè потешко, дури и за VLTI. Сепак, планираните ажурирања на инструментите на телескопот, како што е идниот GRAVITY+, ветуваат скорешни промени на ова поле.

Слични последователни набљудувања со инструментите на ESO ќе бидат важни за да се разбере што се случува во ѕвездата“, заклучува Онака.

Извор Европска Јужна Опсерваторија

 

*Бегемот е име на митски ѕвер од библиската Книга на Јов, облик на исконско чудовиште на хаосот создадено од Бога на почетокот на создавањето; Тој е поврзан со другото чудовиште на хаосот, Левијатан. Според подоцнежната еврејска традиција и обете чудовишта би станале храна за праведниците на крајот од светот. Метафорично, името се користи за секој екстремно голем или моќен ентитет. (извор: Википедија)

Клучни зборови:
Фотографија на ѕвездата WOH G64 е првата слика во гро-план од ѕвезда сместена надвор од нашата сопствена галаксија, Млечниот Пат.

Фотографија на ѕвездата WOH G64 е првата слика во гро-план од ѕвезда сместена надвор од нашата сопствена галаксија, Млечниот Пат. Светлиот овал во центарот на сликата е правлив кожурец што ја обвиткува ѕвездата. Побледиот елипсовиден прстен околу него би можел да биде внатрешниот раб на правливиот торус, но потребни се повеќе набљудувања за да се потврди оваа карактеристика. Слика: ESO/K. Ohnaka et al.

Уметничка реконструкција на ѕвездата WOH G64, првата ѕвезда снимена во гро-план која се наоѓа надвор од нашата галаксија, во Големиот Магеланов Облак

Уметничка реконструкција на ѕвездата WOH G64, првата ѕвезда снимена во гро-план која се наоѓа надвор од нашата галаксија, во Големиот Магеланов Облак. Уметничката визија ги доловива главните карактеристики на ѕвездата: кожурец од прашина во облик на јајце што ја опкружува ѕвездата и прстен или торус од прашина. За постоењето и обликот на второто потребни се повеќе набљудувања за потврда. Слика: ESO/L. Calçada

Лево: Првата слика во гро-план на ѕвезда лоцирана надвор од нашата галаксија. Десно: Уметничка реконстуркција на геометријата на структурите околу ѕвездата, направени врз основа на фотографијата

Лево: Првата слика во гро-план на ѕвезда лоцирана надвор од нашата галаксија. Овој пробив беше возможен благодарение на многу телескопот VLTI на Европската јужна опсерваторија сместена во пустината Атакама во Чиле.
Десно: Уметничка реконстуркција на геометријата на структурите околу ѕвездата, вклучувајќи ја светлата овална обвивка и побледиот правлив торус. За да се потврди присуството и обликот на овој торус потребни се дополнителни набљудувања. Слика: ESO/K. Ohnaka et al., L. Calçada​​​​​​​