Рубрика: Енергетика
Исланд ќе добива електрична енергија од вселената?
Објавено на 19.11.2024 - 15:30

Слика: Space Solar

До 2030 година, Исланд би можел да стане првата земја во светот која ќе добива енергија од фотоволтаици директно од вселената. Пионерскиот проект изнедрен од соработката помеѓу British Space Solar и локалните компании Reykjavik Energy и Transition Labs, има за цел да ги надмине границите на традиционалната технологија (тука на Земјата), а пред сè, да ја елиминира интермитенцијата предизвикана од временските услови.

Системот ќе собира сончева светлина преку панели инсталирани на сателити поставени во орбитата на Земјата. Потоа енергијата, претворена во радио бранови со висока фреквенција, ќе се пренесува до станиците на Земјата каде одново ќе се трансформира во чиста електрична енергија. Системот, со почетен капацитет од 30 мегавати, ќе работи 24 часа, обезбедувајќи непрекинато снабдување со електрична енергија.

Станува збор за револуционерна технологија. Наместо да зависи од присуството на сонце на небото, како што тоа е случај со ‘терестријалните ’ фотонапонски панели, новиот систем ќе ја искористува сончевата енергијата директно во вселената, каде нема пречки од типот на облаци или ноќна темнина (со оглед на поставеноста на панелите во однос на површината на Земјата). Ова би овозможило континуирана достапност на електрична енергија, со конкурентни трошоци во споредба со ‘традиционалните’ обновливи извори.

Исландската компанија Рејкјавик енерџи гледа можност со овој проект да придонесе за целите на својата земја кон нула емисии на стакленички гасови (net zero). Нивната соработка со британската компанија може да поттикне промена на парадигмата за целиот сектор на обновливи извори, дури и надвор од островот на глечери и вулкани.

Поради растечката глобална побарувачка за обновлива енергија, освен за Исланд, се разгледуваат и други приемни станици за ‘вселенска електрична енергија’, во Канада и во северна Јапонија. Првиот сателит ќе претставува еден од најимпресивните објекти во орбитата по вселенските станици.И иско патеката на движење поставува сложени инженерски предизвици, напредокот во доменот на модуларната технологија, којшто се проучува е ветувачки.

Степенот на придобивки поврзани со овој подвиг е разработен во истражувањата на Империал колеџот во Лондон, кои проценуваат дека 8 GW сончева енергија од вселената би можеле да ги намалат годишните трошоци во секторот за целото Обединето Кралство за околу 4 милијарди британски фунти.

Лансирањето на првата ‘вселенска централа’ е само почеток. Всушност, планирано е проширување на почетниот капацитет од 30 мегавати и надминување на гигаватниот праг до 2036 година. Ова би можело да донесе потенцијална револуција во снабдувањето со обновливи извори на енергија за целата планета. Соработката со компании од различни земји е подеднакво значаен чекор кон оваа визија, што ќе му понуди на Исланд уште еден постојан и одржлив извор на енергија.

Клучни зборови:
Слика: Space Solar

Слика: Space Solar

Слика: Space Solar

Слика: Space Solar