Деновиве нивото на Преспанско Езеро го постигна годинешниот минимум. Слабите снежни врнежи минатата зима и слабиот доток на вода во езерото пролетва предизвикаа кусок на вода на почетокот од летото, што езерото не успеа да го надомести во текот на летото и есента.
Согласно јунските прогнози за годинешниов минимум помеѓу -625 и -630 cm, вистинскиот годинешен минимум (ако е воопшто постигнат) е достигнат при кота -626 cm, цели 36 cm пониско од ланскиот минимум и двојно повеќе од просечното намалување на нивото од околу 18 cm годишно. Изразено во количество вода, од истиот ден лани изгубени се околу 90 милиони кубни метри вода, што е речиси двојно повеќе од повеќегодишниот просек од 54 милиони кубни метри.
На дијаграмот забележуваме дека сината линија на нивото просто пропадна под долната (зелена) линија на трендот, така што повеќе нема смисла истата да се користи и понатаму. Новите линии на трендот сега се спуштени за 18 cm под претходните, така што нивото ќе осцилира во новиот канал меѓу двете зелени линии.
Доколку зимата донесе просечни снежни врнежи, околу 1 јуни следната година максимумот би требало да биде достигнат околу кота -585 cm, што е само минимално над ланскиот минимум.