Високите температури ја “тенчат” ледената покривка на езерата и ги намалуваат деновите во кои таа е присутна, а ова има еколошки и економски последици. Земјините езера ја губат својата “покривка” од зимски мраз, факт кој веќе има важни социоекономски последици за над половина милијарда луѓе кои живеат во близина на замрзнатите водени тела во студената сезона.
Според новото научно истражување што ja тестира цврстината на езерскиот мраз, објавено во Science, губитокот на замрзнатата покривка на езерата се забрза во последните 25 години. Денес, за езерата на северната хемисфера површинскиот мраз се топи 45 дена порано отколку пред еден век.
Според анализата координирана од Стефани Хемптон, еколог при Институтот за наука Карнеги во Вашингтон, доколку глобалните атмосферски температури се зголемат за 1,5 до 3 °C, езерата на северната хемисфера би имале 13 до 24 дена помала покриеност со мраз. На пониските географски широчини, деновите без мраз би се намалиле дури за 80%. Ситуацијата е предодредена да се влошува во наредните години. До 2080 година, 18% од 1,4 милиони езера за кои е познато дека во текот на зимата замрзнуваат на површината, ќе бидат само делумно покриени со мраз.
Слика: Good Free Photos, CC0 Public Domain
Овие промени во ледената покривка се очекува да нанесат големи последици врз квалитетот на водата, здравјето и изобилството на рибниот фонд, биодиверзитетот, климата и социоекономските активности. Потенкиот и понестабилен мраз може да биде опасен за популациите што традиционално патуваат преку него во зимските месеци – сезонските рути што поминуваат преку замрзнатите езера се суштински комуникациски патишта за вообичаено многу изолираните заедници, кои сметаат на овие периоди од годината за брзо добивање намирници и други потребштини.
Ако мразот е присутен во пократки периоди, водите на езерата се загреваат побрзо и побрзо испаруваат: услови што можат да го фаворизираат пристигнувањето на инвазивни видови, да го влошат квалитетот на водата, да го поттикнат растот на алгите и да ги загрозат деликатните еколошки рамнотежи што макотрпно ги постигнуваат видовите риби кои претпочитаат студ. Сево ова може да има последици врз синџирот на исхрана што се протегаат многу подалеку од зимската сезона и да има негативни ефекти врз локалните економии. Во Шведска, на пример, риболовот на мраз е економска активност која генерира 880 милиони долари годишно.
Исто така, ледената покривка обично ја спречува и брановата ерозија на плажите во зимските месеци, ги намалува емисиите на стакленички гасови од водните организми и ја намалува загубата на вода преку испарување. Според научниците, иако не е познато какви долгорочни ефекти ќе имаат овие трансформации врз слатководните екосистеми, социоекономските ефекти од губењето на мразот на езерата ни се веќе пред очи.