Google Flights ветува дека ќе ги пронајде за вас најсоодветните евтини летови, секако ако сте подготвени да жртвувате малку од комфорот. Дали ова ќе се оствари? Ќе дознаеме за недела-две...
Google Flights дебитираше во 2013 година, но оттогаш до денес баш и не може да се пофали со некој особен успех. Корисниците кои пребаруваат за евтини авионски летови на интернет, сепак претпочитаат да користат други платформи од типот на Skyscanner, Kayak, Hopper или Momondo, кои се сметаат за подобри во изнаоѓањето решенија од овој тип. Но, новиот Google Flights, што се очекува да стане достапен за сите за две недели, може да го промени ова.
Новиот таб Cheapest (Најевтини) на Google Flights ветува дека ќе го олесни пронаоѓањето на евтини летови, што ќе се покаже особено корисно за оние кои се подготвени да жртвуваат дел од удобноста за да заштедат некој денар, па попрво ќе одберат летови со подолги паузи или полетување/слетување од помали аеродроми. Google исто така ви овозможува да гледате опции од сајтовите на трети страни, кои можат да понудат уште поповолни цени од оние што ги нудат самите авиокомпании.
Подобрување има и кај другите опции дизајнирани за заштеда. Функцијата за следење на цените Track prices испраќа известувања по е-пошта кога трошоците за одреден лет се намалуваат, што го олеснува откривањето на совршено време за резервација. Мапата Explore потоа ви овозможува да најдете понуди за патувања низ целиот свет со внесување само на аеродромот за поаѓање, оставајќи максимална слобода во изборот на дестинацијата. Оваа алатка, веќе активна и на други платформи, ги проширува можностите за штедење за оние кои немаат веќе поставена дестинација и едноставно сакаат да ги искористат предностите од неколку дена одмор за да посетат нови места, претпочитајќи да бидт се водени од предлозите на алгоритамот и, се разбира, од длабочината на нивниот паричник.
Конечно, благодарение на прегледникот за датуми и графиконот на цени, Flights овозможува јасно да го видите трендот на цените со текот на времето, нудејќи прогнози за најзгодните периоди за летање.
Но, не е сѐ идеално. Функцијата Најевтино има ограничувања кога предлага резервирање на врзани летови со различни авиокомпании, што внесува одреден ризик за патниците, особено во случај на доцнење на првиот лет што би довело до пропуштање на следната врска. Сепак, корисникот добива предупредување во врска со овој проблем, доволно јасно видлив врз шаренилото од возни редови, аеродроми и цени.