Рубрика: Информатика
Google воведе пребарување преку видео
Објавено на 22.10.2024 - 13:45

Google неодамна лансираше нова функција која ви овозможува да најдете информации на интернет преку снимање на кратко видео. За користење на новата функција која користи вештачка интелигенција, потребно е само да ја насочите камерата кон некој предмет, да го држите кругот што се користи за фотографирање во режимот „Lens“, и на глас да поставите прашање за пребарувачот. Релевантните одговори се прикажуваат за неколку моменти.

Опцијата е достапна и за уредите со Android и за оние од Apple, но во моментов новитетот може да се користи исклучиво на англиски јазик и засега само во седум земји: САД, Обединетото Кралство, Индија, Јапонија, Индонезија, Мексико и Бразил, каде што се активирани т.н. AI Overviews (ВИ прегледи), одговори управувани од вештачка интелигенција кои се појавуваат пред традиционалните резултати од пребарување. Но, кои се предностите од ваквата интеграција во нашата лента за пребарување?

Во промотивното видео објавено на Youtube, во еден момент гледаме момче како се бори со мал технички проблем со фотоапаратот: ја фотографира заглавената рачка со мобилниот телефон, го прашува својот уред зошто таа на работи правилно и за неколку моменти го добива одговорот.  

Ова е само еден пример, но сосема доволен за да се добие претстава за можните употреби на новата функција. Можете да се снимате себеси додека вршите физичка активност и да прашате дали правилно ги практикувате вежбите и каде треба да се подобрите. Или можеби направете видео од јадењето што се приготвува и да побарате информации за процесот или конзистентноста на тестото. Или, пак, да фотографирате  птица на дрво и да ги добиете сите информации во врска со тој вид, за само неколку моменти.

Иновацијата презентирана од Google е само најновата во низата чекори кои сѐ повеќе ја интегрираат вештачката интелигенција (ВИ) во системот за онлајн пребарување, искористувајќи ја способноста за толкување и одговарање на прашања врз основа на текстуални, визуелни и гласовни промптови. Се чини дека новитетот е креиран како одговор на експрериментите на OpenAI за пребарување на интернетот преку четбот наречен SearchGPT.

На почетокот на годината Google веќе ја воведе можноста за добивање резултати генерирани од вештачка интелигенција на врвот од листата кај некои типови пребарувања. Но, оваа иновација набрзо се покажа како меч со две острици. Во мај, паднаа првите критики за некои груби грешки: на пример, еден резултат предлагаше користење на „нетоксичен лепак“ за лепење на сирењето на пицата, додека друг го опиша поранешниот американски претседател Барак Обама како „муслиман“. Компанијата тогаш се бранеше со објаснување дека се работи за „изолирани случаи“.

Како и да е оттогаш бројот на неточни информации споделени од ВИ при пребарувањето е многу намален. Останува да видиме како на ова пшоле ќе се покаже видеопребарувањето.

Клучни зборови: