Пред дваесетина дена Марк Цукерберг (Mаrk Zuckerberg), американскиот бизнисмен и основач на Фејсбук го претстави својот нов изум – очилата Орион, за кој вели дека е револуционарен. Цукерберг додава дека за десетина години сите ние ќе ги замениме своите мобилни телефони со вакви специјални очила...
Се работи за специјални електронски очила (goggles) со дисплеј кој работи на батерии. Со овие очила, освен што може да се гледа околината слично како и со обичните очила, преку вградениот транспарентен дисплеј кој се прикажува во вид на холограм во видното поле на оној што ги носи, на којшто може да се следи приказот на компјутерски текст, слики или видео.
На пример, ако добиете порака од некого (СМС или мејл), пораката ќе се прикаже на проѕирниот екран од очилата. Исто како да го гледате екранот од својот компјутер (или смартфон), но истовремено ја гледате и околината. Всушност, станува збор за компјутер/мобилен телефон со безжичен дисплеј, голем број сензори и ВИ (вештачка интелигенција).
За својот изум Марк Цукерберг вели дека тоа е иднината на компјутерските екрани и мобилни телефони.
Притоа наместо со компјутерски глушец, тастатура или екран на допир, со овој компјутер/мобилен телефон во вид на наочари, може да се управува со мозочните мисли (преку мозочните неврони), со поглед и трепкање со очите на определени точки од екранот, но и преку говор и преку гестикулација со рацете и прстите...