Рубрика: Омнибус
ФЕИТ подготвен за прием на нови бруцоши
Објавено на 27.08.2024 - 14:45

Факултетот за електротехника и информациски технологии, кој оваа година одбележува 65 години постоење, е подготвен за упис на новите бруцоши во учебната 2024/2025 година. Досегашната статистика на ФЕИТ вели дека интересот за сите седум студиски програми е подеднаков и студентите се запишуваат на посакуваната студиска програма во државна квота...

Оваа година приликата да се запишат на еден од најпрестижните технички факултети во државава ќе можат да ја искористат вкупно 570 студенти, државјани на Република Македонија, и 50 странски студенти. Притоа во квотата на редовни студенти чиешто студирање е финансирано од државата, планиран е прием на 440 студенти.


ФЕИТ во своите студиски програми особен акцент става на изучувањето и начините на примена на современите технологии – обновливи извори на енергија, начини за реискористување на енергијата, проектирање на современи ИКТ системи и нивна примена во различни домени, напредни мрежни системи, вештачка интелигенција, Internet-of-Things(IoT), вгнездени компјутерски системи, роботика и автоматизација и развој на ИКТ сервиси и апликации за потребите на различни сектори. Секако треба да се пофали и поддршката што овој факултет ја дава при стекнувањето на практично искуство на своите студенти преку барања за практична работа во рамките на голем број од предметите што се изучуваат. Тука секако би го споменале и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ којшто на студентите на ФЕИТ им стои на располагање за реализација на пракса, работа на практични семинарски работи и стекнување големо практично искуство во соработка со индустријата во текот на студирањето.

Пријавувањето во првиот уписен рок на ФЕИТ е на 29 и 30 август во просториите на факултетот (Руѓер Бошковиќ 18, 1000 Скопје). Пред поднесувањето документи за упис, кандидатите задолжително треба да ги пополнат податоците електронски, преку online порталот за идни студенти на универзитетот УКИМ www.upisi.ukim.mk. Притоа треба да имаат предвид дека потребните документи за пријавување НЕ се прикачуваат во I know системот, туку се доставуваат на Факултетот во рокот утврден со конкурсот.

Сите дополнителни детали околу уписите и студиските програми на ФЕИТ може да се најдат тука

Клучни зборови: