Ел Нињо е дел од природниот климатски феномен наречен Јужна осцилација Ел Нињо (El Niño Southern Oscillation – ENSO). Феноменот има две спротивни состојби: Ел Нињо и Ла Ниња, и обете влијаат значително врз глобалното време. Делувањето на Ел Нињо може да се идентификува преку голем број различни мерења, вклучувајќи: потопли од вообичаените температури на површината на водата во тропскиот источен Пацифик, атмосферски притисок над нормалата во западниот дел од Пацификот и под нормалата во централниот дел од Тихиот Океан.
При „неутрални“ услови, површинските води во Тихиот Океан се посвежи на исток и потопли на запад. „Трговските ветрови“ имаат тенденција да дуваат од исток кон запад, а топлината од Сонцето прогресивно ги загрева водите додека тие се движат во оваа насока. За време на Ел Нињо настаните, овие ветрови слабеат или дуваат во обратна насока, со што топлите површински води се движат кон исток. Во периодите на Ла Ниња, нормалните ветрови од исток кон запад стануваат посилни, туркајќи ги потоплите води уште подалеку на запад. Ова предизвикува кревање на ладната вода од длабочините на океанот, што значи дека температурите на површината на морето стануваат постудени од вообичаените во источниот дел од Тихиот Океан.
Феноменот првпат бил забележан од перуански рибар во 17. век, кој истовремено забележал дека топлината на океанските води во близина на Америка се чини дека го достигнува највисокото ниво во декември.
Не секој настан е ист, а последиците варираат од регион до регион. Сепак, научниците забележале некои вообичаени ефекти:
• разлика во температурите: во периодот на Ел Нињо глобалните температури растат, додека во периодот на Ла Ниња тие паѓаат;
• промена во атмосферските врнежи: периодите на Ел Нињо во глобала се посушни, додека Ла Ниња носи и пообилни врнежи
• Ел Нињо со себе носи и почести тропски бури во Пацификот, нешто помалку во Атлантикот
• сувото време во тропските региони кое носи и одумирање на дел од вегетацијата, како и шумските пожари што почесто се случуваат во вакви услови значат и промена на концентрацијата на CO2 во воздухот кон повисоко во периодите на Ел Нињо
Епизодите на Ел Нињо и Ла Ниња вообичаено се случуваат на секои две до седум години и најчесто траат од 9 до 12 месеца. Но, това не значи и нужна промена на овие две различни временски шеми – Ла Ниња настаните се поретки од епизодите на Ел Нињо.
Некои климатски модели укажуваат дека настаните на Ел Нињо ќе станат почести и поинтензивни како резултат на глобалното затоплување, со потенцијално дополнително зголемување на температурите, но тоа не е сигурно.
Извор BBC