Рубрика: Историја и археологија
Продолжува енигмата за олтарниот камен на Стоунхенџ: зошто е пренесен 800 километри?
Објавено на 23.08.2024 - 13:30

Новата анализа откри дека камениот олтар во Стоунхенџ потекнува од североисточна Шкотска, а не од Велс како што досега се сметаше.

Се чини дека Стоунхенџ, кругот од камења поставени на рамнината Солсбери (јужна Англија) во времето на неолитот, сè уште не ги открил сите свои тајни. Уште од 12 век, кога историчарот Хенри од Хантингдон го опишал археолошкиот локалитет како едно од најголемите чуда на Англија, биле правени обиди да се дефинираат неговите историски контури, да се разбере кој и пред сѐ како го изградил. Низ вековите, изградбата им се припишувала на Римјаните, Викинзите, Саксонците, Друидите, па дури и на Мерлин, дворскиот волшебник на кралот Артур, кој, според средновековната легенда, ги користел своите магиски моќи за да ги пренесе камењата преку море, од Ирска.

Сега геохемиската анализа на Камениот олтар (The Altar Stone), делумно закопан камен песочник во центарот на камениот круг, укажува кон тоа дека можеби има нешто сè уште непознато. Истражувањето, објавено во Nature, тврди дека пред околу 4500 години, овој шесттонски монолит бил транспортиран преку 800 километри по море, од далечниот север на Шкотска, до Стоунхенџ. Ова би го направило овој камен уникатен во споредба со сите други, чие потекло е лоцирано во Англија и во Велс.

Откритието предизвика огромен интерес. Џим Лири, експерт за Стоунхенџ, археолог на Универзитетот во Јорк (Велика Британија), по тој повод рече: „Оваа студија има некои големи импликации, бидејќи наодите нѝ помагаат да ги разбереме вештините што ги стекнале градителите на локацијата, кои живееле во Британија помеѓу 4300 и 2000 година п.н.е."

Културата цветала на Оркниските Острови (Оркни) во Шкотска, неколку века пред Стоунхенџ да биде завршен, а археолозите секогаш го нагласувале високото уметничко ниво на тие луѓе, како што објаснува Лири. „Се чини дека оваа популација што живеела во неолитот не била составена само од големи уметници, туку и од стручни геолози, способни да ги „читаат“ камењата и да му дадат значење на нивното потекло, како и да најдат врски меѓу нив“.

Плочите на Стоунхенџ се поделени во две групи. Првата е составена од околу 30 високи и вертикални сарсени (блокови од песочник измазнети во текот на последната глацијација, а потоа преработени од човекот): тие ги сочинуваат надворешните и внатрешните кругови, а повеќето од паровите се надградени со обликувани архитражни камења. Студиите идентификуваа дека сарсените потекнуваат од Марлборо Даунс, оддалечен околу 25 километри од локацијата.

Втората група блокови: 80 т.н. сини камења (bluestones), кои потекнуваат од планините Минид Пресели во западен Велс. Каменот на олтарот, пак, е парче сиво-зелен песочник тежок шест тони (со димензии 5 метри на 1 метар) и е сосема различен од другите камења. Називот Олтарен камен му го дал архитектот Иниго Џонс (17 век), бидејќи лежел хоризонтално, иако можеби блокот некогаш бил поставен вертикално.

За датирање на масата, студијата користела хемиска анализа на ситните кристали од циркон, рутил и апатит присутни во фрагменти од олтарниот камен. Резултатите овозможиле да се следи неговото потекло до формациите на Стариот црвен песочник (Old Red Sandstone) во басенот на Оркни северо-источно од Шкотска и Оркниските Острови.

Тоа беше како да се најде отпечаток од прст“, вели Ентони Кларк од Универзитетот Картин во Перт, Австралија, кој го водеше истражувањето. Кларк, експерт за карпеста геохронологија, открива: „Каменот доаѓа од басенот на Оркни, анализите всушност ни кажуваат дека не постои совпаѓање со наоѓалиштата во Англија или Велс“.

Кристалите на цирконот, рутилот и апатитот се речиси неуништливи и се рециклираат со милениуми додека планините се градат и еродираат. Истражувачите ги датирале кристалите во Олтарниот камен пред една милијарда години. Тоа што овие минерали се пронајдени во Шкотска може да се објасни со фактот што островот некогаш бил дел од античкиот континентален сегмент наречен Лоренцов штит, кој се наоѓал во денешна источна Канада. Старите црвени песочници пронајдени на друго место во Британија не содржат толку стари кристали, бидејќи остатокот од земјата бил дел од помладиот континентален сегмент наречен Источна Авалонија.

Олтарниот камен можел да дојде само од Шкотска“, истакнува Кларк, кој „пораснал“ во планините Минид Пресели, од каде што потекнуваат другите сини камења.

Геолозите ја отфрлија идејата дека глечерите би можеле да го донесат таму каде што е сега. „Нема докази за ова. Тој е донесен овде со човечка интервенција“, вели Кларк. Дали е транспортиран по копно или по море, сепак, сè уште е отворено прашање. Трасата помеѓу Шкотска и Стоунхенџ е тешка за навигација, што го отежнува патувањето, но дури и поморскиот потфат би бил ризичен. Лири истакнува: „Ние честопати ги потценуваме вештините и технологиите развиени во неолитот. Никогаш не сме нашле чамци, но знаеме дека овие популации можеле да превезуваат говеда, овци и кози по море“.

Сепак, потрагата не е завршена. Како што вели коавторот на студијата Роб Иксер, геолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој поминал децении во потрага по потеклото на монолитот на Стоунхенџ: „Сè уште треба да го стесниме точното поле за да разбереме од каде е извлечен“.

Клучни зборови: