Рубрика: Аеронаутика
Патувањето со авион никогаш побезбедно
Објавено на 19.08.2024 - 12:30

Студија на МИТ ги истражуваше шансите да се умре за време на лет и откри дека патувањето со авион станало 39 пати побезбедно од 1968 година до денес.

Од 1960-тите до денес, патувањето со авион станало 39 пати побезбедно. Ова се резултатите од студијата објавена во Journal of Air Transport Management, која ги анализирала ризиците од смрт додека патувате со авион споредувајќи ги смртните случаи од 1968 до 1977 година со оние од 2008 до 2017 година и од 2018 до 2022 година

Веројатноста да се умре како учесник во воздушниот сообраќај продолжува да се намалува за околу 7% секоја година“, објаснува Арнолд Барнет, еден од авторите.

Во моментов, ризикот од смрт за секој патник кој користи комерцијален лет е 1 наспроти 13,7 милиони. Колку за споредба, ризикот да се биде жртва на ајкула изнесува 1 наспроти 3,7 милиони! Ова претставува јасно подобрување во споредба со 1 наспроти 7,9 милиони во години 2008-2017 и многу поразлично од статистиката од деценијата 1968-1977 година, кога шансите изнесувале 1: 350 000.

Барнет ги споредува овие долгорочни подобрувања со Муровиот закон, кој вели дека сложеноста на микрочипот се удвојува на секои 18 месеци. Во овој случај, безбедноста во авионите се удвојува со секоја деценија.

Но, иако летањето никогаш не било побезбедно, последниве години пандемијата на ковид направи исклучок. Имено, коронавирусот предизвика привремено зголемување на ризикот од смрт не толку многу во лет, колку поради лет.

Конкретно, истражувачите пресметале дека од јуни 2020 година до февруари 2021 година, пред масовните вакцини, 1200 смртни случаи во САД биле поврзани, директно или индиректно, со пренос на вирусот при учество во лет, додека оваа бројка за остатокот од светот е 4760 смртни случаи од март 2020 година до декември 2022 година. Сепак, повеќето од смртните случаи не се однесуваат директно на оние кои летале, туку на луѓе што се заразиле од оние кои се заразиле додека патувале со авион.

Еден аспект што произлегува од студијата и нè тера да размислуваме е фактот дека безбедноста на воздухопловството не е секаде иста. Всушност, истражувањето прави разлика помеѓу три групи земји: во првата се најбезбедните, како што се САД, европските земји, Австралија или Јапонија; во втората група наоѓаме некои азиски земји како Индија и Малезија, но и некои јужноамерикански држави како Бразил и Мексико; во последната група, каде што патувањето со авион е 36,5 пати помалку безбедно од првата, е сместен остатокот од светот меѓу кои и  речиси сите африкански земји со исклучок на Јужна Африка. Комплетната листа на англиски јазик може да ја најдете тука.

Клучни зборови: