Да се измерат и проучат одредени чувства кои ние луѓето сме свикнати да ги опишуваме со зборови, никогаш не е лесно. Земете ја, на пример, тагата што нè обзема кога ќе почине некој близок: концептот за „жалост“ се чини исклучително човечки, па како тогаш би можеле да го измерите кај некое животно? Во реалноста, постојат начини...
Едно истражување спроведено од Универзитетот во Оукленд чии субјекти се домашните миленици кои мошне често се поврзуваат со рамнодушност и целосна независност – мачките, покажа, сосема спротивно од општоприфатеното мислење, дека тие на свој начин ја доживуваат жалоста. Резултатите од истражувњето беа објавени во Applied Animal Behavior Science.
Студијата покажува дека домашните мачки, соочени со смртта на придружник со кој живееле во ист дом можеби со години, покажуваат знаци на жалост и страдање споредливи со оние на кучињата, чијашто реакција беше документирана во слична студија спроведена од Универзитетот во Милано. Зборуваме пред сè за промени во однесувањето: зголемени вокализации, време поминато во душкање наоколу во потрага по мртвото животно и општо намалување на апетитот и желбата за игра. Студијата исто така наведува дека овие однесувања се почести и поинтензивни доколку животните поминале подолго време заедно, како и дека мачките страдаат дури и кога умира семејното куче, покажувајќи знаци на збунетост и страв.
Сепак, постои едно „НО“, односно повеќе од едно. Студијата била спроведена преку анкета во која биле вклучени 412 сопственици на мачки кои неодамна доживеале жалост, независно дали другарчето што го изгубиле било друга мачка или куче. А резултатите се изготвени врз основа на одговорите на овие луѓе, кои го раскажале своето директно искуство.
Проблемот е што не е лесно објективно да се измери емоционалниот одговор на мачката. Па така можно е, на пример, перцепцијата на овие сопственици да е претерана со оглед на тоа што и тие самите тагуваат по изгубеното милениче. Можно е и дека мачките што биле набљудувнани реагирале на начин на којшто реагираат поттикнати од ужасното расположение на нивните сопственици.
Како и да е, потребни се дополнителни студии за 100% да се потврди дека мачките страдаат кога едно од нивните другарчиња/цимери ќе умре, студии што веројатно ќе користат пообјективни методи.