На Летните олимписки игри во Париз кај добар дел од спортистите на кожата се забележуваат модринки во форма на кругови. Се работи за хематоми/модринки кои се последица од примената на постапка позната и кај нас во народната медицина, а која е особено присутна во традиционалната кинеска медицина – редење со вендузи или капинг (cupping), на англиски јазик.
Ако ги следите Олимписките игри сигурно сте забележале “белези” во форма на црвеникави кругови на грбот од многу познати спортисти, особено кај пливачите. Се работи за модринки што остануваат по спроведувањето на една мошне стара народна медицинска практика – редење со вендузи. Практиката е позната и во древната традиционална кинеска медицина која последниве години стекна голема популарност во светот на спортот.
Модринки на грбот на пливачката предизвикани од поставувањето виндузи, практика кај нас позната и како редење чаши
Постапката на “капинг”, кај нас позната како “редење вендузи”, се состои од нанесување на стаклени чаши на кожата од спортистот, генерално од страна на физиотерапевт, со помош на специјален инструмент, со цел да се создаде област на “низок притисок” што ја привлекува крвта кон површината и на тој начин ја подобрува циркулацијата. Според поддржувачите на оваа практика, зголемувањето на протокот на крвта на овој начин создава услови за ублажување на болките во мускулите а со тоа и подобрување на спортските перформанси.
И покрај тоа многумина од елитните спортисти ја користат оваа процедура, редењето вендузи нема цврста научна основа што би одела во прилог на доказ за нејзина ефикасност, односно не постојат ригорозни клинички студии кои ги покажуваат придобивките од оваа практика.
Дали виндузите нудат побрз опоравок на мускулатурата или се работи само за плацебо?
Па зошто тогаш ја користат? Спортистите често бараат каков било метод за подобрување на нивните перформанси и намалување на ризикот од повреда. Вендузите, иако не се поддржани со научни докази, честопати се перципираат како своевиден “магичен третман” кој може да им помогне побрзо да закрепнат и да постигнат подобри резултати. Во никој случај не треба да се исклучува ниту плацебо ефектот од процедурата.
Ширењето на оваа традиционална практика во светот на спортот е сложен феномен, поврзан со низа културолошки но и психолошки фактори. Спортистите, под екстремен притисок, честопати се подготвени да пробаат сѐ за да се стекнат со конкурентска предност. Па така помеѓу “стандардните” методи за опоравок на мускулатурата на спортиситите – физиотерапевтските масажи и терапии, од пред некое време некако се најде и оваа практика. А со текот на годините, редењето вендузи веројатно се трансформира и во своевиден обред за многумина спортисти – знак за припадност на одредена група. Во прилог на ова е и фактот што оваа “мода” стана мошне популарна помеѓу спортистите што се натпреваруваат во одредени дисциплини (пливање, на пример) додека другите воопшто не ја применуваат.
За потсетување, редењето вендузи своевремено го практикуваше и рекордерот и олимписки шампион во пливање Мајкл Фелпс
Но, каков е ставот на лекарите во однос на вендузите?
Коментирајќи ја оваа практика на социјалните мрежи, Пјер Луиџи Лопалко, професор по хигиена и превентивна медицина на Универзитетот во Пиза, истакна како „белезите на грбот (на капачите) се јасен знак дека магичното размислување не ги заобиколува ниту спортските лекари од националните репрезентации. Овие белези се резултат на „капинг“, практика што потекнува од ориенталната медицина. На кожата на непретпазливиот спортист се создава вакуум и тие грди траги не се ништо повеќе до модринки".
Сепак, сомнежот е дека, барем во некои случаи, токму спортистите, независно и без одобрение од лекарите, решиле да прибегнат кон оваа форма на псевдонаука чии ефекти на никаков начин не се потврдени.