НАСА го одложи лансирањето на мисијата Crew-9 на Спејс Екс (SpaceX) за септември. Причините се поврзани со проблемите на боинговиот шатл Старлајнер (Starliner), кој стои ‘заглавен’ на вселенската станица веќе цел месец. Извесно е и враќањето на астронаутите дома за скоро време и покрај позитивните тестови на Старлајнер...
Проблемите на шатлот Старлајнер на Боинг, кој во моментов сè уште стои прикачен за Меѓународната вселенска станица (ISS), предизвикаа одложување на лансирањето на мисијата Crew-9 на SpaceX. Мисијата беше првично закажана за 18 август. Сега полетувањето на вселенското летало Кру Драгон (Crew Dragon), кое треба да превезе четворица астронаути до МВС, е презакажано за не порано од 24 септември.
„Ова прилагодување им овозможува на одговорните за мисијата да го финализираат планирањето за повторно влегување во атмосферата на пробниот лет со екипаж на агенцијата Боинг“, кој во моментов стои закотвен за орбиталната лабораторија“, соопшти НАСА на 6 август 2024 година.
Во основа одложувањето се должи на дефект на некои од моторите на Старлајнер, што ефективно го спречи враќањето на астронаутите Буч Вилмор и Суни Вилијамс на Земјата. Вентилот за погонско гориво не се затворил правилно, предизвикувајќи истекување на хелиум, благороден гас што е неопходен за овозможување потисок на погонската група.
За да го решат проблемот, инженерите на НАСА и Боинг спроведоа серија тестови на погонскиот систем на Старлајнер. На 27 јули, двајцата астронаути престојуваа во леталото за да учествуваат во тестот за време на кој беа активирани 27 од 28 млазници на капсулата. Прелиминарните резултати беа охрабрувачки, покажуваа дека погонскиот систем ги вратил своите перформанси, но и покрај тоа, НАСА одлучи дополнително да ја одложи авторизацијата за враќањето на Старлајнер дома, на Земјата. Конкретно, резервоарите со хелиум сега повторно ќе се проверуваат за да се исклучат какви било преостанати истекувања. Како последица на ова, не е познат ниту точниот датум за следно лансирање на Crew-9. Лоши се и вестите за астронаутите кои дојдоа со Старлајнер на Меѓународната вселенска станица. Според најновите вести тие најверојатно ќе останат заглевени на МВС до февруари следната година, со оглед на тоа што леталото со коешто дојдоа на станицата во моментов е небезбедно за превоз на екипаж, според проценките на НАСА.
Од друга страна од Боинг тврдат дека проблемите се отстранети и дека леталото е безбедно за враќање дома. Ова креира крајно необична ситуација каде инженерите на Боинг имаат целосно спротивставено мислење со инженерите на НАСА. Иако постои план астронаутите да бидат вратени со лет на Спејс Екс во февруари, од НАСА сепак не ја исклучуваат можноста тие сепак да се вратат со леталото со кое дојдоа, но како што нагласуваат “безбедноста е најбитна”, па одлуката за тоа веројатно ќе биде донесена по дополнителни прегледи и тестови.