Кеопсовата пирамида е првото нешто што на повеќето им паѓа на ум кога ќе се спомне Египет. Но, најстарата некропола во Египет од ваков тип ја изградил фараонот Џосер, владетел кој ја вовел Третата династија на Старото Кралство за време на 27-миот век п.н.е. Изградена околу 2680 година п.н.е. во регионот Сакара, северозападно од урнатините на Мемфис, шестстепената, четиристрана скалеста пирамида на Џосер се извишувала среде голем двор исполнет со украсни церемонијални структури. Веќе одамна се знае дека древните Египќани користеле голем број алатки при изградбата на структурата висока околу 62 метра, една нова студија укажува дека користеле и барем едно претходно непознато помагало – хидрауличен систем за кревање товар што го користел блиското, денес одамна исчезнато езеро.
Наодите на интердисциплинарниот тим на францускиот Палеотехнички институт ЦЕА, што одат во прилог на оваа теорија, беа објавени на 5 август во списанието PLOS One. Со комбинирање на сателитски снимки, анализа на геопросторни податоци, информации за сливот и други техники, истражувачите дошле до претпоставка дека претходно необјаснетата структура во близина на Скалестата пирамида најверојатно функционирала како своевидна брана за зафаќање на вода и седимент. Овој тип на градежна структура се знае дека се користи со милениуми – со примитивен релативно едноставен дизајн, браната се користи за прекин и успорување на протокот на вода.
Мапа на висорамнината Сакара што го прикажува водниот тек од браната Гиср ел-Мудир до објектот за третман на вода во близина на Џосеровата пирамида. Водата потоа се пренесува низ мрежа од цевки на пирамидата за напојување на хидрауличниот лифт. Слика: Палеотехнички факултет во Париз, Франција, CC-BY 4.0
Во случајот на Џосеровата пирамида, изворот на вода се чини дека се канализирал низ повеќе оддели, што овозможувало таложење на седиментот додека водата минувала низ секоја наредна комора. По поминување низ преградите, дел од водата потоа најверојатно течел во пирамидалните шахти изградени за да им помогнат на градителите да ги кренат масивните градежни камења до посакуваните позиции. Она што е особено интересно е дека, иако многу општества не користеле брани за филтрирање, се чини дека пирамидата можеби служела и како објект за третман на водата. Дополнително, браната на Џосеровата пирамидата им претходи на некои од најраните познати примероци на брани од овој тип со стотици, ако не и илјадници години.
Механизмот на хидрауличен лифт што истражувачите претпоставуваат дека бил користен при градење на скалестата пирамида Слика: Landreau et al., PLOS ONE
За да го илустрираат концептот, истражувачите опишале едноставен пример за тоа како древните Египќани можеби управувале со таков хидрауличен брански систем . Врз основа на нивната анализа, тимот смета дека пловната платформа на лифтот се издигала до максимална височина од речиси 17 метри, но со потенцијално применети модификации веројатно можела да се издигне уште повисоко користејќи склопливи продолжни структури. По достигнувањето на врвот од пирамидата, платформата за кревање можеби функционирала и како контратег со употреба на системи со макара и јаже. Во комбинација со другите методи за градба, како што се рампи и системи на насипи, хидрауличниот лифт можеби се користел само наизменично кога имало доволно вода. Но и покрај тоа, истражувачите истакнуваат дека потенцијалното постоење на лифтот радикално ја менува сликата што експертите ја имаа за тоа што древните Египќани биле способни да создадат.
„Хидрауличниот механизам за кревање се чини дека е револуционерен чекор за изградба на камени конструкции и му нема сличен во нашата цивилизација“, пишуваат тие во нивниот труд, додавајќи дека неговата корисност е „толку значајна што [нејзината употреба] се чини дека оди подалеку од само за изградба на Скалестата пирамида“. Во комбинација со можностите на структурата за третирање на водата, планирањето на архитектите исто така „ќе ја одрази нивната далековидост во задоволувањето на различни урбани потреби“, како претворање на висорамнината Сакара во гостопримлива област што ќе вклучува земјоделство, пристап до вода и долгорочно засолниште.
Тимот тврди дека нивните наоди, исто така, ја зголемуваат можноста дека древните Египќани користеле слични системи при градбата на други пирамиди на Старото Кралство, а можеби и порано. Единствен начин за потврда на нивната теорија е да се продолжи со истражување и анализа на овие урнатини.
Скалестата пирамида на фараонот Џосер била изградена околу 2680 година п.н.е. Фото: Чарлс Ј. Шарп / Викимедија Комонс
Мапа на висорамнината Сакара што го прикажува водниот тек од браната Гиср ел-Мудир до објектот за третман на вода во близина на Џосеровата пирамида. Водата потоа се пренесува низ мрежа од цевки на пирамидата за напојување на хидрауличниот лифт. Слика: Палеотехнички факултет во Париз, Франција, CC-BY 4.0