Бостонската компанија Perceptive објави дека создаде робот способен ефикасно да ги извршува функциите на стоматолог. Неодамна овој робот за првпат изврши операција на човек. За зафатот потрошил осумпати помалку време отколку што обично му треба на лекарот.
Системот е опремен со модерен 3D-скенер кој користи оптичка кохерентна томографија за создавање на детална тродимензионална слика на устата на пациентот. Ова овозможува автоматско откривање на кариес со точност од околу 90%. Врз основа на добиените слики, пациентот и лекарот заеднички ги одредуваат потребните процедури. Откако ќе се донесе одлуката, роботот стапува во акција.
Вршење на брз орален 3D-скен на усната шуплина на пациентот
Поставувањето на коронка, процедура што вообичаено трае околу два часа и бара две посети на стоматолог, роботот ја извршува за само 15 минути, во една посета! Прецизноста на неговите дејства е споредлива со работата на високо прецизни CNC машини за машинска обработка. Конструкторите гарантираат безбедност на процедурата за пациентот и тврдат дека успехот на првата целосно роботизирана операција сведочи за вистински пробив во хируршката стоматологија.
Првата успешно извршена процедура на робо-забарот
Во моментов, проектот на Perceptive сè уште од регулаторните органи не добил зелено светло за употреба, но компанијата активно работи во таа насока. Термините за имплементација на роботот во клиничката пракса сè уште не се утврдени. Веројатно, системот ќе продолжи да се усовршува и доработува, пред стоматолозите да можат да го користат во својата секојдневна работа, по неколку години.
Робо-забарот од Perceptive е светол пример за тоа како иновативните технологии можат да ја трансформираат медицината, правејќи го лечењето поефикасно, побрзо и поудобно за пациентите. Имплементацијата на роботизирани системи во стоматологијата отвора нови перспективи за подобрување на квалитетот и достапноста на стоматолошката нега, обезбедувајќи им на пациентите здрава и убава насмевка.
Превод и адаптација:
Дејан Трајковски